Friday, November 27, 2015

АРТУР РЕМБО: Пијаниот кораб

Comme je descendais des Fleuves impassibles…
Штом мирните Реки ги напуштив еднаш
И сетив – ги нема бурлаците, кои
На црвено-кожци цел станаа веднаш
(ги навреа голи на колје во бои)

обезгрижен, тргнав натоварен така
со фламанско жито и англиски памук;
штом притивна гласот на жртвите таму
-ме пуштија Реките каде што сакав.

Под плимите бесни и нивниот плескот,
-попригушен уште од мозокот на дете, -
минатата зима јас пловев под ветер.
Но копната таков не поднесле трескот!

Ме посвети бура, будејќи ме мене:
ко плута си играв деноноќја десет
врз бранот што вечно плен наоѓа лесен
без жал за глупавото око од фенер.

Ко дете што слатко киселачка глода –
низ елов труп проби зелената вода;
се’ исчисти: траги од блуеж и вино;
се битиса ленгерот, крмата, клинот.

Од  тогаш во Песната морска се капам,
Од ѕвездите облеан, како со млеко,
Голтајќи го азурот зелен; а некој
удавеник, задуман, плови ко тапа.

Се топат бладањата, морската шир
и спориот ритам од жарот во зори.
Од лирите поширно, силно ко шпирт
лисестата  болка на љубовта гори.

Јас втрештено небо сум видел на патов,
и вечер, и струи, и бран што гони,
и занесна зора со гулаби – јато,
а напати видов – ко човек да сони!

Дамкосано сонце од мистика тешка
што фрла темјанужни здрвени шари
(н‘ артисти ми личат од драмите стари!)
Врз бранот што таму во трепет се мрешка.

Јас сонив ноќ зелена: блескав снег вее;
Па бакнеж до морските очи што гега
И поток од бизарни сокови бега,
Жолтосини зори од фосфор што пее...

Со месеци следев атаки врз стени:
ко здивени стада бран врз бран се треска,
но не сонев дека лач-нозе од Жени
скротувале муцка од мориња бесни!

И приказни, знајте, Флориди јас сретнав:
сред цвеќето – очи на пантерка млада,
со човечка кожа! Божилакот летнал
(затегната узда) до сините стада.

Превираа, видов, мочуришта; мрежи
и трски во кои кит гниеше цел,
и вода што паѓа, тишина тежи,
далечини, бездни од водопад бел.

Мраз. Сребрени сонца. И свод што се џари.
Бран седефест. Залив сред струите грди.
На голото дрво џин-змииште смрди,
од мравки изедено паѓа сред бари.

Би сакал на деца да покажам чуда:
позлатени риби и риби што пеат,
расцутени пени во лулката луда,
и крилја – од ветрот дар што ми беа.

Се изморив, страдник,  од полови, зони,
а плачот на морето в лулка ме крена,
ме покри со цвеќе што листец жолт рони.
Но, често на колена паѓав ко жена.

Полуостров – лулам јас во себе џева
и измет од птици синооки. Сонам
и пловам. Крај кревките бокови, в трева,
давеници, ничкум, во вечен сон тонат.

Во заливски коси јас изгубен бродам,
во бестрашен етер од ураган меткан.
Не ќе бидам спасен од шлепер што шетка
со бродари ханзски. Бев пијан од вода.

Низ синкави магли, чадејќи, ко брана
аловото небо го сврдлев јас волен;
поетот го дразнев со вкусната мана:
со лишај од сонце, со азурот солен.

И, дамчест, од ровјини искри, се шлаев
јас, безумна штица, од панукла следен
во нееден јули со прачка што знае
да затресе небо со врел удар еден.

Се тресев, а плачот на Бегемот, спарен
со бујниот Мелстром, со милји го сетив.
Јас, вечниот ткајач на мирен свод вжарен,
за Европа жалам со ред-парапети.

Јас архипелази од ѕвезди и огон,
и небо што веслачи кани, сум видел.
Во ноќта без дно ли ти спиеш, во прогон,
со златното јато, о Сило-час иден?

Но, премногу плачев. А зорите беа
-со Месецот, Сонцето – знаци на злото:
Што опојност љубовта тврда ми влеа?
Распукај се, броду! Да тонам на дното!

Од европски води би посакал – бара,
и ладна и црна: а в приквечер рајска
детуленце тажно со раче да џбара,
корабуле пушта – пеперутка мајска!

Но, не можам, плискан од копнеж твој пламен
дереглии, Море, да следам без почин,
да појдам под гордост од оган и знаме,
да пловам крај злите – од галии – очи.


(Антологија на француската поезија; Група издавачи; Скопје 1977; преп. Георги Сталев)

No comments:

Post a Comment