Monday, November 30, 2015

ФРЕНСИС ФУКУЈАМА: Крајот на историјата и последниот човек

Една од најконтроверзните книги кои предизвика бурни полемики во нашево доба е делото „Крајот на историјата и последниот човек“ од Јошихиро Френсис Фукујама. Френсис Фукујама е американски филозоф-историчар и политиколог. Роден е 1952 г. во Чикаго, в семејство на втора генерација јапонски доселеници. Дипломирал политичка филозофија на универзитетот Корнел и најпрвин сакал да продолжи со научната кариера во сферата на книжевноста, како компаративист. Минал шест месеци во Франција кај угледните литературни теоретичари Ролан Барт и Жак Дерида, но се пишманил и се вратил во САД на Харвард за да докторира на политички науки. Се вработил во тинк-тенк организацијата Ранд-корпорејшн каде што престојувал десетина години. Потоа бил примен во Стејт департментот како стратешки аналист. Во 1989 го објавува својот првичен есеј „Крајот на историјата“ во американското десничарско списание „Национален интерес“. Кога видел какви реакции предизвикал, се посветил на пишување на неговото главно дело „Крајот на историјата и последниот човек“, кое светлината на денот ќе го доживее 1992 г. По објавувањето на својот бестселер, пред Фукујама се отвараат дверите на академскиот живот и тој ја продолжува кариерата на неколку врвни универзитети (Џонс Хопкинс, Стенфорд...). Паралелно, тој е активен и како политички аналитичар. Фукујама е заколнат републиканец, кој игра важна улога во неколку републикански администрации – од онаа на Роналд Реган, до таа на Буш постариот. Всушност, Фукујама се смета интелектуална перјаница на неоконзервативизмот. Меѓутоа, со текот на годините, а особено за време на владеењето на Буш помладиот, тој ќе се разочара во тнр. либерален неоконзервативизам, па дури ќе го спореди со ленинизам. Неговото политичко салто-мортале ќе кулминира на предпоследните претседателски избори, кога јавно соопштува дека ќе гласа за Барак Обама, а против Џон Меккејн. Инаку, вреди да се напомене дека еден период Френсис Фукујама дури бил платен советник и на подоцна соборениот либиски полковник Моамер ел Гадафи. Гостува на Си-Ен-Ен.
Основната идеја за чија релиабилност се аргументира во „Крајот на историјата и последниот човек“ е дека со падот на Берлинскиот ѕид и завршетокот на Студената војна настапува финалното поглавје во човековата повест. Оваа конечна етапа, според Фукујама, е либералната демократија. Слично како што и Хегел тврдел дека, првин, пруската монархија, а потем францускиот републиканизам, претставувале врв на историјата, или најдобар од сите можни светови. Фукујама и не крие дека неговиот труд се надоврзува на идеите што ги прокламирал Хегел, а посебно на неговиот веројатно најдобар модерен толкувач – рускиот филозоф од Франција Александар Кожев. А, нивното главно стојалиште е дека, со „измислувањето“ на републиканскиот тип на демократија, веќе на планот на политиката, нема што друго да се измисли, туку преостанува единствено сите државни во светот постепено да го прифаќаат ова политичко уредување. Со тоа што, како што дообјаснува Фукујама, класичната републиканска демократија мора да биде дополнително и либерална, како највисок тип на демократија застапена во Западна Европа и САД, за да можат човековите права и слободи во потполност да се остварат. Сломот на комунизмот и распадот на СССР Фукујама го толкува како победа на поривот за слобода кај источноевропските и народите во Русија, кои решиле да го отфрлат посттоталитарниот авторитарен режим и да ја прегрнат либералната демократија.

После првото поглавје, во кое Фукујама дава брилијантен приказ на историските и современите тврди и меки диктатури, следуваат поглавјата во кои авторот се впушта во филозофска расправа околу тоа што е она што ја покренува историјата. Како главен покренувач на историските процеси Фукујама го гледа тнр.тимос. Тоа е нешто како нагон за потврдување на сопствената вредност и го поседува секој човек. Ама, според Фукујама, кај некои луѓе тој нагон или самочувствие за достоинство е толку изразено, што тие луѓе се подготвени да убијат или да умрат само за да ја потврдат сопствената важност. Тоа се господарите, додека оние што не се спремни да го дадат својот живот се робје. Судирите меѓу потенцијалните господари и робови тоест слуги (slaves) - тоа е она што ја покренува историјата, смета Фукујама, нејзината движечка снага.

No comments:

Post a Comment