Monday, November 23, 2015

ОСВАЛД ШПЕНГЛЕР: Залезот на Западот

Постојат голем број ремек-дела во областа на филозофијата на историјата, ама она што го изработил Освалд Шпенглер е навистина без преседан. Неговиот магнум опус „Залезот на Западот“ остварил киклопско влијание во светот и особено во неговата родна Германија. Дел од критичарите го етикетираат како еден од прекурсорите на хитлеризмот, а сметнуваат од умот дека Шпенглер бил во немилост кај национал-социјалистите, макар што гласал за нив на изборите 1933 г.
Како што се наведува во електронската енциклопедија Википедија, Освалд Шпенглер имал „анивентфул“ или живот без големи настани. Роден е 1880 г. в Бланкенбург, во покраината Саксонија-Анхалт, источна Германија, како единствено машко дете во семејството на поштенскиот службеник Бернхард Шпенглер и неговата сопруга Паулина. По завршување на средното училиште, студира математика и природни науки во Хале, Минхен и Берлин. После еден неуспешен обид, докторира во Хале на тема на Хераклитовата метафизика. Од 1908 – 1911 г. е наставник во во Хамбург, каде што предава математика, германски јазик, историја и наука. Во 1911 се сели во Минхен каде што станува уредник за култура во разни часописи, како и фриленсер, со цел да ја подобри материјалната положба. Во 1914 г. го завршува првиот том на „Залезот на Западот“, ама поради избувнувањето на Првата светска војна, го одлага неговото публикување до 1918. Штом излегло пред јавноста, Шпенглеровото ремек-дело доживува сензационален успех, не само во Германија, ами и во другите западни земји. Неговата слава доживува кулминација по објавувањето на вториот том 1922 г. кога добива понуди да се вработи како професор на угледни универзитети, но ги одбива понудите, со цел да се посвети на мисловната активност. По доаѓањето на власт на Хитлер, тој иако почитуван од првенците на фашизмот, влегува во полемика со неговите идеолози (на пр. со Алфред Розенберг) по што бидува отстранет од јавниот живот. Во 1936 г. умира од инфаркт, не освајаќи зад себе ниту вдовица, ниту потомство.

И „Залезот на Западот“, исто како и подоцнежното дело на Тојнби, утврдува присуство на логика во егзистирањето на цивилизациите. Таа логика се сведува на органицистичкиот систем раѓање-растеж-апогеј-опаѓање-смрт. Од друга страна, историските цивилизации, за кои смета дека биле 8 на број, Шпенглер ги распоредува во три типа култури: магијска, аполонска и фаустовска. Во магиски култури, тој ги вбројува блискоисточните формации (египетската, асиро-вавилонската, сумерската, семитската...); во аполонските или класичните култури грчко-римската, додека за главен репрезент на фаустовската култура, Шпенглер ја смета Западната цивилизација. Тоа е делот на „Залезот на Западот“ што може да се споредува со другите филозофи на историјата. Она што е специфика на шпнеглеровиот пристап е неговиот систем познат како „морфологија на светската повест“. Шпенглеровиот потход е доста необичен затоа што во голема мера се потпира на една мистична, интуитивна постапка, во која се доведуваат во корелација, за лаичкиот ум, некомпарабилни феномени. Таа постапка, авторот ја дефинира како физиогномика: „Морфологијата на органското, историјата и животот, на се‘ она што во себе носи правец и судбина, се нарекува физиогномика (с. 137)“. Со помош на таа физиогномика, Шпенглер изведува паралели помеѓу навидум разнородни артефакти. Низ илјадата и кусур страници на неговиот труд, со помошта на брилијантниот стил, Шпнеглер аргументира дека постои склад на формите, на пример, меѓу диференцијалната равенка и династичкиот државен принцип од добата на Луј XIV, меѓу античката државна форма полисот и Евклидовата геометрија, меѓу контра-пунктската инструментална музика и стопанскиот кредитен систем (с. 18). Поради ваквото помалку алогично и аисториско толкување на „светот како историја“, Шпенглер бил мета на критичарите, кои му барале докази за ваквите тврдења, на што тој одговарал дека неговото учење не е позитивистичко, туку метафизичко. Вториот том на оваа, по многу нешта раритетна книга, завршува со латинската изрека „Судбината ќе го води покорниот, а непокорниот ќе го влече“, како и со фантастичната мисла која гласи: „Ние не сме слободни да го постигнуваме ова или она, ами сме слободни да го направиме она што е нужно или – ништо“.

No comments:

Post a Comment