Норман Дејвис е
еден од водечките современи историчари. Авторот на книгата „Европа:
Историја“ е влијателен интелектуалец чие што мислење високо се цени во важните
центри на одлучување. Така на пример, професор Дејвис пред извесно време беше
консултиран и за спорот за името меѓу Македонија и Грција, при што направи
паралела со еден сличен спор меѓу Прусија и Полска пред околу три века. Норман
Дејвис е британски историчар од велшко потекло, кој се образовал во Франција и
Полска. Специфика во неговиот пристап е што се труди да го врамнотежи
историското вреднување на Западна и Источна Европа, што и се забележува во
неговото главно дело „Европа: Историја“. Тој отворено го критикувал
потценувачкиот однос што западната историографија го имала кон придонесот на
источноевропските народи, во прв ред словенските. Благодарение на својот подолг
научен престој во Полска, Дејвис се смета за еден од најдобрите познавачи на
полската историја, а неговите книги денес се сметаат за задолжително четиво во
полските школи. Тој е и оженет за Полјачка, која потекнувала од регион кој
денес и‘ припаѓа на Украина. Исто така, Дејвис се искажал и како жесток
критичар на комунизмот и политиката на СССР. Во еден момент од неговата
кариера, поради доведување во извесно рамновесие на злосторите сторени од
нацистите и сталинистите, тој доживува и критики од одредени кругови во САД,
кои му забележале за наводно недоволна осуда на холокаустот. Колку тие примедби
се излишни, доволно е да се прочита врамениот текст „Нојадес“ (с.706) од книгата
„Европа: Историја“, каде што со релативно малку зборови прецизно се опишани
грозоморните ужаси како во конц-логорот Треблинка, така и во балканското
губилиште Јасеновац.
Исто како и
претходната „Историја на светот“, „Европа: Историја“ е масивно дело од преку
1.200 страници. Околу една петина од
него, зафаќаат трите апендикси, забелешките, историскиот компендиум и листата
на тнр. капсули,како мошне карактеристичен елемент на оваа велика книга. „Европа:
Историја“ се карактеризира по присуството на тие капсули. Станува збор за она
што во новинарството се нарекува антрфиле (или рамче) за еден текстуален бокс
во кој е обработен определен феномен што е поврзан не толку со
воено-политичката, туку повеќе со општествено-интелектуалната повест. Во тие
капсули се раскажуваат приказни за различни собитија: од падот на Сиракуза во
антиката и појавата на богумилството во раниот среден век, преку пренесувањето
на сифилисот од Америка во Европа и последните претсмртни зборови на некои
европски великани („Кралот Чарлс I: -Запаметете...“), се‘ до значењето на Чернобил и Конопиште за поблиското
минато на Европа.
Инаку, главнината
на текстот во оваа книга од 1996 г. зафаќа преку 900 страници, а поделен е на
12 поглавја. Првите три се однесуваат на просторот и најраната повест на
Стариот континент и ги синтетизираат збиднувањата во стара Елада и Рим.
Почнувајќи од четвртото, па се‘ до десетото поглавје, кои носат оригинални
наслови, креирани од самиот автор (ориго,
медиум, пестис, ренатио, лумен, револутио, динамо) се прикажува стеблото на
европската историја, од Големата преселбана народите, до почетокот на XX век. Читањето на овиие страници, испишани
од историчарот Дејвис, преставува ретко доживување, во кое би уживал секој
барем малку љубопитен истражувач. Остануваа врежани во сеќавањето анализите за
последиците од доселувањето на Унгарците во Панонската низина, за влијанието на
Волтер врз политичките случувања во и вон европското тло, за последиците од
Наполеоновите војни, или пак за моќта што на колонијалните евро-држави им ја
дала индустриската револуција. Последните две поглавја под назив „Европско
помрачение 1914-1945“ и „Европа поделена и неподелена“ ги обработуваат
настаните од кобниот Сараевски атентат па се‘ до паѓањето на Берлинскиот ѕид.
Со проектот Европска унија, Норман Дејвис би сакал да го види крајот на
европското крварење низ минатото и почеток на ерата на мир, прогрес и напредок.
No comments:
Post a Comment