Monday, November 9, 2015

Јакоб Буркхарт: РАСУДУВАЊА ЗА ИСТОРИЈАТА И ИСТОРИЧАРИТЕ

Карл Јакоб Кристоф Буркхард е еден од најеминентните историчари на сите времиња. Тој е родоначалник на т.н. културна историја. Тоа е наука која, наспроти дотогашната практика минатото да се изучува по принципот „од војна до војна“, го свртела погледот кон неполитичките, во конкретниот случај – културните собитија на претходните векови. Живеел долж целиот XIX век. Се родил во побожно семејство на калвинистички свештеник и првичната намера му била да се приклучи кон клерот. Меѓутоа, по студиите кај прочуениот Леополд фон Ранке – втемелувачот на историјата базирана на факти, а не на интерпретации – Буркхард го почувствувал синдромот на губење на религијата и се определил за науката. Ја започнува кариерата во својот роден Базел, а на тамошниот универзитет и ќе остане до крајот на животот, со мала екскурзија на инженериската школа во Цирих. Ако се изземе таа епизода, Буркхард минал дури половина век на универзитетот во Базел. Од 1869 таму му се придружува и 24-годишниот професор по филологија Ниче, со кого ќе го врзе искрено пријателство и обостран восхит кон филозофијата на Шопенхауер.
Творештвото на Јакоб Буркхарт започнува во 1853 г. со знаменитата „Епоха на Константин Велики“, една од најважните студии за првиот христијански цар. Потоа авторот се свртува кон италијанската историја и клутура – тема што ќе го преокупира до крајот на животот. Во 1860 го објавува својот најпознат труд „Културата на ренесансата во Италија“, за по седум години да уследи „Историјата на италијанската ренесанса“. Ретко кој подоцнежен историограф успеал да ги надмине овие две фундаментални студии на Буркхарт. Потоа овој научник се свртува кон старограчката цивилизација и тоа истражување ќе го спроведува се‘ до својата смрт во 1897 г. Во меѓувреме, речиси секојдневно има предавања пред базелските студенти. Плод на тие предавања е збирката есеи под назив „Расудувања за историјата и историчарите“, која што постхумно ќе биде објавена најпрвин на германски, а во 1929 и на англиски јазик. Инаку, бујниот историчар водел мошне скромен живот во швајцарскиот град на Рајна.
Колекцијата фрагменти под наслов „Расудувања за историјата и историчарите“ претставува збирка од 149 предавања, што Буркхарт ги држел на Базелскиот универзитет од 1865 до 1885 г. Белешките што од Буркхардовите тефтери, ги прибрал и средил извесниот Емил Дир, опфаќаат распон од пет епохи, колку што книгата има и поглавја: Антика, Среден век, Историја од 1450 до 1598, Повест на XVII и XVIII век и Ера на Револуцијата. Германскиот историчар и публицист Валтер Гец, опсервирајќи го посмртното дело на Буркхарт, изјавил: „Невозможно е да се замисли попродлабочен вовед во светската историја и нејзините движечки сили, од ова дело“. Со оглед на тоа што самите наслови на фрагментите кажуваат се‘ за содржината на оваа вредна книга, нема подобар начин за нејзина презентација од наведување на заглавјата на лекциите. Ева само мал дел од 149-те брифинзи.

Прв дел: - Историското значење на Египет; За Картагина; Атина, Рим и неговата мисија за светската историја. Втор дел: - За раното христијанство; Црквата; Јулијан и перспективите за реставрација на паганството; Западноевропското аријанство и Евреите; Достигнувањето на Кловис I; Мухамед како основач на религија и исламот; Карло Велики; Норманите; За иконокластичната контроверзија; За крстоносните војни. Трет дел: - За Ричард III; Војната на розите и Шкотска; Бургундија; Луј XI; Германската империјална моќ под Фридрих III; Отоманите; Моќта на папството; Шпанија и Португалија; За Лутер; За Реформацијата после 1526: неизбежниот цезаропапизам; Карл V и Франсоа I; За Хенри VIII; За Калвин; Езуитите; Вартоломејската ноќ; Контроверзата на Анри IV; Холандија; Ерата на Елизабета. Четврти дел: Гомаристи и Арминијанци; Италија во XVII век; Ришеље; Ситуацијата во Германија пред Триесетгодишната војна; Швеѓани во Германија; Великиот Електор; Кромвел; За Мазарен; За Луј XIV; За Втората англиска револуција; Русија; Фридрих Велики. Пети дел; - Нов концепт на државата; Релации со националностите; Јавно мислење; Бизнис и комуникација; Држава во нова смисла; Апсолутизмот на Северот; За северно-американската револуционерна војна; За малите држави; Судбата на Француската револуција; За Наполеон; Социјализам? Комунизам? Се прашувате што би можело да се додаде на овој список. Транзиција?

No comments:

Post a Comment