„Вајт хаус иарс“
на американскиот великан Хенри Кисинџер не спаѓа во теоретски книги. Иако
формално се работи за мемоари, тие во некоја смисла можат да потпаднат и под
графата модерна дипломатија или евентуално современа историја, поточно историја
од прва рака. Причината за тоа е огромниот личен придонес што Хенри Кисинџер го
дал во обликувањето на светските политички текови од крајот на шеесетите до
почетокот на осумдесетите години на минатиот век. Масивната „Години во Белата
куќа“ излегува од печат во 1980 г. и ја сумира ерата во која дејствувал
Кисинџер како висок функционер на американската влада. Првиот дел го опфаќа
периодот кога тој бил советник за национална безбедност кај претседателот на
САД Ричард Никсон, а вториот кога бил државен секретар во Стејт департментот за
време на Никсоновиот наследник Џералд Форд. Овде го презентираме првиот том кој
„тежи“ преку 1500 страници, но претходно само накусо за животот и делото на
овој џин на глобалната политика.
Хенри Кисинџер е
германски Евреин, чие семејство, по доаѓањето на Хитлер на власт, емигрира –
најпрвин во Англија, а потоа во Америка. За време на своето школување во
Баварија, лично доживеал малтретирања од страна на неговите фашизирани врсници,
што го соопштува и во „Години во Белата куќа“. Патем, кога Хенри ќе биде
назначен за прв човек за национална безбедност, еден Германец со речиси
идентично презиме (Кисингер) ќе биде канцелар на Сојузна република Германија.
За време на Втората светска војна, Кисинџер е регрутиран и учествува во битки,
првенствено како разузнавач. Покажувајќи високи способности, но и поради
одличното владеење на германскиот јазик (што цел живот се осеќа во неговиот
акцент) ќе биде ангажиран во процесот на денацификација на постхитлерова
Германија. Во педесеттие дипломира и докторира на Харвард и постепено почнува
да се инволвира во политичките збиднувања. Станува соработник на моќниот Совет
за надворешни релации, те ја објавува и својата прва книга „Нуклеарното оружје
и надворешните работи“. Се спријателува со Нелсон Рокфелер, кого го смета за
најважна личност во својот живот. По убиството на Кенеди и поразот на Линдон
Џонсон, новоизбраниот американски претседател Никсон го кани да биде шеф на
националната безбедност. Од јануари 1969 започнува брилијатната политичка
кариера на Хенри Кисинџер, која што до најситни детали е опишана во „Години во
Белата куќа“.
Книгата има 34
глави распоредени во 4 поглавја: Почетоци, 1969: Старт на патешествието,
1970-1971: Од премрежје до надеж и 1972: Од војна до мир. Првото поглавје е
воведно и објаснува како тој и Никсон - првиот републикански претседател после
36 години владеење на левицата – дошле во контакт и ја воспоставиле тесната
соработка. Во наредните три поглавја се прикажува како американскиот лидершип
управувал со бродот на американската политика во турбулентните години по
немирната 1968-ма, обележана со легендарните студентски демонстрации во
западните земји. Фабулата на приказната се движи низ неколку фокални точки.
Прва од нив е односот на САД со разбрануваната Европа, во која се случуваат
важни промени. После интервенцијата на Советскиот сојуз во ЧССР, доаѓа до
засилување на напорите за зачленување на Велика Британија во Европската
заедница. Прва станица на Никсоновата дипломатија, која повеќе е во рацете на
Кисинџер отколку во Стејт департментот, е Брисел, по што доаѓаат разговори со
Де Гол и другите западноевропски лидери. Дел од сторијата ќе биде средбата на
Никсон со Тито во Белград, при што Кисинџер опсежно ја анализира улогата на
СФРЈ во тогашниот блоковски поделен свет. Освен европските собитија, битен
сегмент во мемоарите на Кисинџер е детантот со СССР, во кој што тој самиот има
клучна улога, како и воспоставувањето на релации со комунистичка Кина, што се
смета за ремек-дело на Кисинџеровата дипломатија. Сепак, централно место во „Години во Белата куќа 1“ има Виетнамската војна. Парискиот мировен договор од јануари
1973, со кој практично и завршува книгата се смета за врв на кариерата на
Кисинџер, за што тој и неговиот хомолог од виетнамска страна Ле Дук То, ја
добиваат Нобеловата награда за мир во ’73 година. Но, поради несопирање на
непријателствата, тој ќе го врати својот дел од наградата.
No comments:
Post a Comment