Wednesday, December 2, 2015

Исмаил Раџи ел-Фаруки: ИСЛАМОТ И ДРУГИТЕ ВЕРИ

                Глава четвртаСпоредување на исламскиот и христијанскиот пристап кон хебрејското Свето писмо
                III
...Во исламот, далеку од тоа дека е татко на гревот, Адам (Адем) е татко на пратениците. Тој неговото знаење го доби директно од Бога и во тоа беше надмоќен над ангелите на кои им ги научи „имињата“ (т.е. суштината, дефинициите) на суштествата. Бог му нареди да го следи доброто, како и да го избегнува злото, ова второто како природа на дрвото чии плодови му беа забранети, а ги јаде. Идентификувањето на дрвото како „дрво на животот и знаењето“ е ниту Божје ниту Адамово, но ако муслиманот тука може да претпостави врз основа на христијанската ученост за Стариот завет, тоа е работа на свештеничките уредници на „Ј“ кои го жигосаа знаењето за доброто и злото како зло во потрага по нивна воља за власт и во исконструирање на нивниот монопол над човековото протегање кон Бога. Кур‘анот ова погрешно идентификување го нарекува лага искажана од сатаната со цел да го измами Адема, склон каков што беше он да го знае и да трага по доброто, да ја прекрши Божјата заповед и да чини зло. Кур‘анот вели: „Па, шејтанот (сатаната), дрдорејќи му рече: `О Адем, да те натерам ли да се приближиш до стеблото на вечноста и на власта која што не исчезнува?‘ И Адем проба од дрвото, не го послуша Господарот свој, па скршна од патот. Потоа Господарот негов го избра, му прости и го упати“. Затоа, Адам изврши злодело, имено помисли за злото дека е добро, значи етички погрешен суд. Тој беше авторот на првата човечка грешка во етичкото сфаќање, извршено со добра воља, со ентузијазмот за доброто. Тоа не беше „пад“, туку откритие дека е можно да се збрка доброто со злото, дека потрагата по него не е ниту еднострана ниту недвосмислена.
Фактот што Исус го избавил човека не само што ја подразбира теоријата за човекот, за која само што дискутиравме, туку подеднакво и теоријата за Бога. Исус за христијаните е Бог, а избавувањето не само што подразбира одреден вид човек, туку подеднакво и одреден вид Бог; Бог кој е толку загрижен зачовекот што Тој би го избавил него, правејќи го тоа што го правеше Исус, или правејќи  го она што би го направил Тој „во“ Исус.
Оттука, христијанинот ја чита изјавата во Битие,„Да создадеме човек според Нашиот образ и подобие“ и во неа ја гледа потребната потврда за човековото другарство со Бога.Човекот, Божјиот лик, беше создаден да биде Божји другар во рајот. Но, човекот почини грев. Бог не би се помирил со ова отуѓување, со ова самоопустошување на коешто се заложил самиот човек. Така, Тој на почетокот го казни, потоа го избрка од рајот и врз него ги нанесе сите видови несреќи. Без оглед на сето ова, човекот продолжи да чини грев. Тогаш Бог одлучи дека сето создавање е грешка, освен еден човек, Ное (Нух) и неговото семејство и го уништи сиот живот со потопот. Потоа, трогнат од „пријатниот мирис“ на Ноевата жртва, Бог се заколна никогаш повторно да не го уништи животот, нешто што само што го беше сторил. Притоа, Бог се одлучи за друг правец на дејствување, изборот на хебреите и нивната божествено функционирачка историја на начинот што самиот Тој би го презел гревот на човекот и би го избавил него, дејствувајќи низ Богочовекот Исус. Сето ова укажува на фактот дека Бог е човековиот партнер и другар, а човекот е Божји партнер и другар и дека секој е задолжителен за другиот.
Ова христијанско другарство на човекот со Бог, иако изведено од хебрејскиот светописмен запис, го става Бога во една непомирлива ситуација со Неговата сезнајност и семоќност. Сепак, таа содржи многу вистина, бидејќи и покрај контекстот во кој христијанинот го разбира тоа, човековото „другарство“ со Бога е израз на односот кој постои  помеѓу Божјата заповед, етичкиот императив или вредност и човекот. Овој однос се состои во тоа дека „мора да се биде“, модалитетот на идеално постоечката вредност која што поседува изворна движечка сила, зрачи кон човекот. Тоа исто така се состои во способноста на овој последниот во создаденото  да го зграпчи тој зрак и да падне под неговото утврдување. Човековата способност да знае и да чини добро, или Божјата воља, е неговата „божественост“. Божјата движечка сила, насочена кон човекот, е Неговата „човечност“. Но не треба да се заборави дека оваа „човечка божественост“ и „божествената човечност“ не се реални факти, туку само модалитети на реалните факти. „Мора да се биде“ е нужен модалитет на вредноста; тоа не може да се нарече „потреба“ освен ако вредноста, или божественоста, е безнадежно антропоморфистичка, а сурово е за тоа да се говори како за „другарство“, или за да му се припише претпоставка за човековата „кривица“, „да се распне на крст“ итн., што го чини христијанинот.
Во исламот Бог го создаде човекот поради одредена цел за спроведување на залогот (аманетот) во овој свет, залог толку голем што дури и ангелите, на кои првобитно им беше понуден, се свртија од него во страв. Овој залог е усовршувањето на еден несовршен свет намерно создаден несовршен во процесот на неговото усовршување од страна на човекот да бидат реализирани етичките вредности, што во спротивниот случај (т.е. во нужно совршен или совршено создаден свет) би било отфрлено ex hypothesi. Затоа, Бог не е човеков другар, туку негов Трансцедентен создател и Прв двигател. Чие движење стои en rapport со човековата способност да биде движен. Близината на Првиот двигател, на вредноста како изворна ентелехија, е несомнено. Но тоа не е близината на еден „другар“ кој сака да ја изврши врховната задача на својот партнер, како во христијанството. Тоа повеќе е близина на модалитетот на нашето знаење за битието на божественото, близина на етички императивното.

(изд. МЦМС во соработка со ИВЗ, Скопје, 2006 г.)

No comments:

Post a Comment