Monday, December 14, 2015

Самјуел Хантингтон: СУДИР НА ЦИВИЛИЗАЦИИТЕ

Своевиден одговор на Фукујамината теза за крајот на историјата претставува делото „Судир на цивилизаците – пресоздавање на светскиот поредок“ од Самјуел Хантингтон. Хантингтон е еден од американските стратези-генијалци кои со својот теориски придонес ја одбележаа епохата по Студената војна. Роден е 1927 г. а веќе во 1950 предавал на Харвард. Иако бил ангажиран од најзначајните американски универзитети, не успаеал да стане академик. Од друга страна, работел за американската влада, како и за неколку режими кои на времето не биле препознаени како демократски, како на пример бразилскиот и јужноафриканскиот. Еден од основачите е на угледното списание „Форин полиси“. Слично како и Фукујама, својот мастерпис „Судир на цивилизации?“ најпрвин го објавил во „Форин аферс“. Откако неговата статија покренал вистинска бура во интелектуалните кругови, решил текстот да го прошири и да напише книга. Така во 1996 настанала прочуената „Судир на цивилизации – пресоздавање на светскиот поредок“, која веднаш станала футуристички бестселер. Некои сметаат дека во неа всушност Хантингтон го предвидел терористичкиот напад на кулите близначки од 2011 г. па се здобил и со ореол на јасновидец. Великанот Самјуел Хантингтон почина на Божиќ 2008, на 81-годишна возраст.
Книгата „Судир на цивилизации“, која е поделена на 5 поглавја, започнува со анегдота. Имено, на самиот почеток од 1992 год. авторот се нашол во Москва. Требало да присуствува на некаков состанок меѓу руски и американски научници кој се одржувал во големата сала на руската влада. Американците веднаш забележале дека од салата била отстранета статуата на Ленин, а било закачено старо-новото руско знаме. Арно ама, знамето било поставено наопаку, како српското. Им било укажано на домаќините и тие наскоро тихо ја отстраниле грешката.
Од тука па во наредните неколку стотини страници, Хантингтон ја гради тезата дека, по завршувањето на Студената војна и блоковската поделеност на комунистички Исток и капиталистички Запад, историјата немало да застане, како што предвидувал неговиот колега Фукујама, туку напротив, дека ќе се раскрили како никогаш порано. Примерот со обратно поставениот руски барјак, тој го користи како илустрација колку лесно најголемиот словенски народ ја отфрлил старата идеолошка догма и ја прегрнал новата парадигма – великорускиот патриотизам и православниот канон. Лекото прифаќање на новиот код Хантингтон го објаснува со моќта на припадноста кон одредена цивилизација, како централна категорија која го движи севкупниот историски процес. Слично на Колингвуд и Тојнби, Хантингтон се зафаќа со набројување на разните цивилизации, за кои смета дека ги има 8, како и со разгледување на нивните меѓусебни релации и судири. Што се однесува до феноменот на повторно вртење кон религијата, што е карактеристика на добата од крајот на XX и почетокот на XXI век, Хантингтон шармантно вели дека тоа е Реванш на Бога (Le Revanche de Dieu) провоциран од претходниот атеизам и скептицизам.

Како едно од поважните откритија во книгата „Судир на цивилизации“ се смета тезата за постоење (или непостоење) на тнр. држави-јадра. Хантингтон смета дека една цивилизација може, а и не мора да има своја држава-јадро кое преставува матица на битните собитија и промени. Така на пример, држава-јадро на Западната цивилизација е САД, а јадро на сино-цивилизацијата е Кина, за која Хантингтон смета дека ќе и‘ биде гавен ривал на Америка во тековново столетие. Има цивилизации кои немаат свои јадрени држави, како што е на пример Муслиманството. Таму неколку ентитети претендираат да ја преземат водечката улога – на пр. Египет, Иран, Индонезија, Турција или Саудиска Арабија – но од различни причини се оневозможени во намерата. Во односот на Мухамеданството, Хантингтон изнесува богата емпирија во прилог на сопственото тврдење дека таа цивилизација е во перманентен судир со другите постоечки култури, првенствено со Православната. Финалето на книгата е резервирано за еден вид сценарио, кое би можело да биде вовед во скорешен судир на цивилизации и Трета светска војна.

No comments:

Post a Comment