Friday, December 4, 2015

РИЛКЕ: Дуински елегии

Трета елегија
Едно е саканата да се опее. Друго е, за жал,
оној скриен, виновен бог-река на крвта.
Оној што таа оддалеку го знае, нејзиниот сакан,
што знае тој за господарот на радоста, кој често,
и како неа да ја нема, ах, прошмукан со каква
мистерија ја крева боговската глава повикувајќи ја
ноќта на бескраен немир. О Нептун на крвта,
О негов страшен, о темен ветар од неговите гради,
од извиткана школка. Слушни како ноќта длаби и
                                                                                                празни.
Вие ѕвезди, не потекнува ли од вас на љубениот
радоста,
што го бутка кон лицето на неговата сакана?
Зар неговиот длабок поглед во нејзиното чисто лице,
го нема тој од соѕвездието чисто.

Не ти, о таго, ни неговата мајка
Не му го напна така лакот на веѓите во очекување.
Не од допирот со тебе, девојко, што го чувствуваш него,
не со тебе ги сви тој своите усни за поплоден израз.
Навистина ли мислиш дека твојата лесна појава
така би го потресла, ти што се менуваш како утрински
                                                                                                ветар?
Вистина, ти му го исплаши срцето; но постари уплави
се струполија врз него при потресот од овој допир.
Повикај го... Нема сосем да го извикаш од темната
средина. Се’ разбира, тој сака, тој бега; олеснет,
тој се свикнува на засолништето на твоето срце, во кое
може да се почнува себеси. А сепак, дали воопшто се
почнал?
Мајко, ти го направи мал, ти го почна; тебе ти беше
тој нов, ти го наведна над новите очи пријателскиот свет,
и го отстрани туѓиот. Ах, каде се годините кога ти
со твојата нежна става едноставно му го прикри
зовриениот хаос? Многу нешто така му прикриваше ти;
сомнителната ноќ во собата му ја правеше неопасна,
од твоето срце, полно со топлина на засолниште,
влеваше ти во неговиот ноќен простор почовечен
                                                                                                простор.
Не во мракот, не, туку во твоето поблиско присуство
ја постави ти ноќната светлина и таа светеше како
пријателска светлина. Немаше ниеден шум што ти
не го објаснуваше со насмев, небаре знаеше кога
подот се однесува така... И тој слушаше и се смируваше.
Толку многу имаше моќ на нежност твоето станување;
зад орманот се појави во плашт неговата судбина,
и во диплите на завесата мрдаше лесно неговата
немирна иднина.

А тој, лежејќи утешен и мирен, под мамурливите капци
на твоето лесно обликување, испуштајќи сладост,
обземен веќе од благиот сон што надојдуваше - :
изгледаше заштитен... Но внатре: кој беше внатре,
кој во него внатре ги попречуваше брановите на
                                                                                                потеклото?
Ах, немаше никаква претпазливост кај заспаниот;
спиејќи, но сонувајќи, но в треска, како и се препушти.

Тој, новиот, исплашениот, колку вплеткан беше
во долгоиспружениот вреж на внатрешните случувања,
што се виеја за да станат мостри, задушувачко растење,
форми што бегаат, на животни слични. Како се оддаде
                                                                                                                тој
на тоа. Љубеше. Ја љубеше својата внатрешност
дивината на својата внатрешност, таа прашува во него,
на чиј одронат камен, светлозелено стоше неговото
                                                                                                                срце.
Љубеше. Потоа го напушти срцето, излезе од сопстве-
                                                                                                ните корени,
и влезе во моќниот почеток, каде што неговото мало раѓање
беше преживеано. Љубејќи, тој се спушти во постарата
                                                                                                                крв
во длабочините каде што се наоѓаше она страшното,
                                                                                                                што
од претците е уште сито. И секој ужас го знаеше него,
му намигнуваше небаре негов совиновник беше.
Да, ужасното се насмевнуваше... Ретко, мајко,
се насмевнуваше ти толку нежно. Како можел тој
да не љуби, кога тоа, ужасното му се насмевнуваше.
Пред тебе тој тоа го љубеше, зашто, ти него веќе го носеше,
тоа  беше растворено во водата што му погодува
на никулецот од кој се раѓа дете.

Види, не љубиме ние како едногодишно цвеќе; кога
љубиме, во рацете ни се качува незамислив сок.
О девојко еве: ние во нас љубевме не едно идно
суштество, туку безбројно вриење; не едно
единствено дете, туку татковците, кои како
урнатини од ридој мируваат во длабочините наши;
туку сувото речно корито на некогашните мајки-:
туку целиот безгласен пејзаж под облачната
или ведра судба-: ова девојко те предвари.

А ти, знаеш самата ти – ја примамуваше ти
предисторијата на љубовникот. Какви чувства
изнурнаа од исчезнатите суштества. Какви жени
те мразеа таму. Какви темни мажи разбуди
во жилите на младичот? Мртви деца сакаа кон тебе...
О кротко, кротко, направи нешто љубезно пред него
едно секојдневно дело што доверба влева, -
доведи го близу до градината, дај му ја надмоќта
на ноќта.....
                Задржи го.....

(Рајнер Марија Рилке – Дуински елегии/Сонети за Орфеј, Група издавачи – Скопје 1983, преп. од германски и коментари Душан Томовски)

No comments:

Post a Comment