Monday, December 7, 2015

Едвард Саид: ОРИЕНТАЛИЗАМ

Едвард Саид, авторот на „Ориентализам“, еден е од највлијателните и најконтроверзни теоретичари од крајот на минатиот и почетокот на овој век. По потекло тој е Палестинец. Татко му бил американски војник во Првата светска војна, благодарение на што се стекнал со американско државјанство. После Војната, Саид сениор се преселил од Ерусалим во Каиро, каде започнал бизнис. И тој и неговата сопруга биле Палестинци-православци . Нивните деца, Едвард (1935) и Розмари (1037) биле родени на Блискиот Исток и таму го завршиле основното и средно училиште. Едвард бил соученик со јорданскиот крал Хусеин, со актерот Омар Шариф, а подоцна, кога станал научник, му бил професор на Барак Обама. По преселувањето во САД 1951 г. започнува брилијантната интелектуална кариера на Саид. Ги минал речиси сите релевантни американски унивезитети, почнувајќи од Стенфорд, Принстон и Јеил, завршувајќи со Харвард, Колумбија и Џонс Хопкинс. Своето најпознато дело „Ориентализам“ го завршил 1977, а го публикува година дена подоцна. Веќе 1979 излегува британското издание, за од 1980 да отпочне походот на „Оиентализам“ низ целиот свет. Неговата експанзија продолжува и во 90-тите, така што сега „Ориентализам“ се чита на преку 20 јазици, вклучително и на македонски. Во исто време, се појавуваат голем број критичари на тезите наведени во таа книга, па дури критики и на Саидовиот практичен живот, поради неговото страсно залагање на правата на Палестинците во Израел. Сето тоа не ја намалува вредноста на неговиот мастерпис, кој што се смета за фундамент на тнр. постколонијална критика.

Едвард Саид по вокација е литературен компаративист и затоа, по форма, неговиот труд „Ориентализам“ изгледа како книжевна критика. Имено, во голем дел до содржината, Саид се бави со критика на определени текстови, при што добар дел од нив и се уметнички ( на пр. романот „Танкред“ од англискиот политичар Дизраели). Но, според суштината, „Ориентализам“ е многу повеќе од класична критика. Тоа е дело кое што практично, на длабок и елабориран начин, се пресметува со една посебна дисциплина која во светот е позната како ориенталистика. Та преставува еден вид доктрина на „политичко-културолошка апропријација“ на Ориентот од страна на експоненти на Западот. Кога говори за Западот, Саид првенствено мисли на ориенталисти од три земји: Велика Британија, Франција и САД. Експертите од тие држави Саид де факто ги обвинува дека намерно креирале систем од вистини, невистини и полувистини со кои нивните сонародници, на стереотипен начин, го осознаваат Ориентот. Поради создавањето на таквите предрасуди за народите од Истокот, особено за Арапите, за кои се вкоренила сликата како за номадско племе што живее во шатори, а се движи со камили, Саид е ригорозен кон овие творци. На едно место за нив тој вели: „точна е претпоставката дека секој Европеец, кој имал нешто да каже за Ориентот, во своето кажување бил расист, империјалист и речиси целосно етноцентричен“. Бројни се авторите чие дело било подложено на бескомпромисна и минуциозна Саидова критика: од основачите на ориентализмот, за какви Саид ги смета француските учени Силвестре де Саси, Ламартин, Ренан, Флобер и Шатобријан, преку Англичаните Балфур, Конрад, Лејн и Гиб, па се’ до мноштво американски врвни авторитети од типот на Марк Твен, Мелвил и Хенри Кисинџер. Што се однесува до последниве, Саид експлицира дека денес ориентализмот е најприсутен во Соединетите држави. Тој дава примери за тоа како американската мас-медиумска култура продолжува со негување на карикатуралната слика за исламската култура, прикажувајќи ги Арапите како закана за модерната цивилизација („шеик на бензинска пумпа“). Ова особено дошло до израз по нафтеното ембарго од страна на ОПЕК во 1973 г. кога Светот доживеал бензински ценовен шок. Сепак, во својот Поговор, Едвард Саид изнесува опттимистички очекувања во врска со „империјалистичките пранги“ во кои е окован Ориентот: „ќе заклучам дека, иако непријателствата од кои започна мојот интерес за ориентализмот, како културен и политички феномен, се‘ уште постојат, сега барем има општо прифаќање на фактот дека тие не претставуваат вечен поредок, туку историско искуство, чиј крај или барем делумно попуштање, е многу близу“.

No comments:

Post a Comment