Monday, October 31, 2011

ВОЈНИТЕ НА КАРОЛИНЗИТЕ 732-804 г


Откако се зацврстиле јужно од Пиринеите, арапите тргнале во поход северно од Пиринјските планини. Во тоа време, во северна Галија владеела франачката династија Меровинги, кои биле првите христијанизирани варварски кралеви на Запад. Кога арапите се префрлиле преку Пиринеите 719 и 720 г. меровиншки кралеви Франки немале доволно сила да им се спротивстават и набргу градот Нарбона станал арапско пристаниште. Присуство на арапите ги загрозувало соседните области Бругундија и посебно Аквитанија, во која владеел кнезот Одо. Тој на почетокот успеал да ја сопре арапската инвазија во битката кај Тулуз 721 г. кога бил убиен и командантот  на маврите Ал Малик. Меѓутоа, Одо и неговото кнежевство наскоро биле совладани од страна на андалузискиот емир Абдул ал Рахман, кој успеал да влезе во аквитанската престолнина Бордо и да изврши страшен колеж над тамошните христијани. Меровиншкиот крал Теодорик (Тиери) сфатил дека нема доволно енергија да и’ се спротивстави на муслиманската наезда. Затоа побарал помош од ривалската династија Каролинги, тогаш предводена од принцот Пипин Херсталски, кој бил мајордом во дворот на Теодорик. Овој, со цел запирање на Сарацените, го пратил сопствениот син Карло Мартел (мартел значи „чекан“). До пресудна битка дошло 732 г. северно од градот Поатје, кај Тур на р. Лоара. Франачката и маварската војска шест дена стоеле едни спроти други. Седмиот ден Арапите го нападнале Франките и тогаш се случил еден од клучните моменти во европската историја. Војската на Карло Мартел и’ нанела страотен пораз на сараценската армада, при што загинал и самиот нејзин командант Ал Рахман. Утредента, маврите веќе ги немале на бојното поле. Благодарение на победата, Мартел доживеал голема популарност. Тој бил славен како спасител на Европа, што му го отворило патот кон соборување на меровинзите. Син му Пипин Малиот го симнал од престолот меровингот Хилдерик III во 751 г. кого го ишишал и го пратил в манастир. Од тогаш започнува владеењето на Каролиншката династија.
Пипин останал запаметен како монарх кој на Римскиот Бискуп му го „донирал“ Равенскиот егзархат. Равена, која во VII век го презела примат од од Рим, долго била во посед на Византија. Но, римскиот бискуп Стефан II, кој бил матретиран од германското племе Ломбарди, решил да ги премине Алпите и да побара помош од Франкот Пипин. Овој се одзвал на повикот, ги поразил Ломбардите на вождот Аистулф и во 756 г. му ја „подарил“ Rавена на Стефан II, со што ги удрил темелите на Папската држава Ватикан. Пипин и неговите наследници биле прогласени за „Патрони на Римјаните“. Византија, потресувана од иконоборската криза, само немоќно посматрала како на Западот се раѓа нова, конкурентска империја.
Највеличествен експонент на каролиншката династија бил Пипиновиот син Карло Велики. Тој ја доусовршил франко-папската алијанса до степен на сраснување меѓу двата фактори – војничкиот и верскиот. Слично на односите меѓу Стефан II и татко му Пипин, Карло се здружил со папата Лав III, кој го крунисал за нов римски император. Во поглед на воените подвизи, Шарлемањ спаѓа меѓу најуспешните војсководци на сите времиња. Само листата на војни, која е наведена во неговата биографија (The Life od Charlemagne) напишана од Опат Ајнхард е доволна за да се увиди брилијантноста на основоположникот на пост-античка Европа. Најнапред ги обединил двете франачки држави Аустразија и Неустрија, а потоа го довршил потчинувањето на  Лангобардите, што го започнал татко му. Потем ја зазел Баварија и го отворил просторот на денешна Австрија за германски доселеници. После тоа, го уништил панонскиот Аварски каганат, а од Аварите направил послушни сојузници. Во еден момент, прешол преку Пиринеите и од Арапите го оттргнал регионот на Каталонија. Најтешката војна ја водел против саксонските племиња. Тие живееле во северна Германија и жилаво се опирале на процесот на христијанизација, рушејќи ги црквите и убивајќи свештеници. Карло успеал да ги покори Саксонците, како што накнадно ги смирил и Западните Словени. По 46 години владеење, починал во Ахен, во чија катедрала и денес лежи неговото тело.

Friday, October 28, 2011

АРАБЈАНСКАТА ВОЕНА ЕКСПАНЗИЈА 627-711


Речиси истовремено, кога на Балканот се одвива словенскиот продор, на Блискиот Исток се случува грамадната арабјанска експанзија кон Азија и Африка. Цивилизација на семитските племиња од Арапскиот полуостров била недоволно позната до VI век (освен во ретки случаи). Таквата ситуација нагло се менува во почетокот на VII век и тоа благодарение на појавата на Пророкот Мухамед. Тој се родил околу 570 година и освен што бил Божји Гласник, имал и вонредни политички квалитети. Во својот шеесетгодишен живот, успел да ги обедини меѓусебно завојуваните семитско-арабјански племиња во политичка целина и да ги сплоти во новата монотеистичка религија – Исламот. Она што на воено-политички план се случило по смртта на Пророкот на 8 јуни 632, е без преседан во светската историја. За само неколку децении, калифат од Арабија се проширил до Пиринеите и Атлантскиот океан, на запад и до р. Инд и Кинескиот ѕид, на исток.
Еве како накусо се одвивале работите на воен план од втората третина на седмиот до првата половина на осмиот век. Абу Бекр е првиот калиф што го наследил Пророкот Мухамед. Тој бил татко на неговата омилена сопруга Ајша. За само две години, колку што живеел првиот калиф, освоил огромни пространства, првенствено поради способноста на неговиот главен командант Халид-ибн –ал-Валид (Меч Божји). Непосредно по смртта на Пророкот, одредени бедиуински племиња се обиделе да се сепарираат. Нивен центар било место Акраба, каде што се наоѓал и нивнито водач Маслама Малик. Војсководецот Ал Валид ги поразил Бедуините, а самата битка завршила со колеж во некоја градина, која оттогаш го добила називот „Бавча на смртта“. Со битката во Акраба завршила борбата за муслиманска доминација во С. Арабија. Неа, како што пишува Мирча Елијаде, ја започнал самиот Божји Гласник Мухамед, кога пет години претходно, во март 627, ја извојувал првата победа против силите на Мека, во битката кај Бедр („Историја веровања и религијских идеја“, с. 68-70).
По битката кај Акраба, Абу Бекр и Ал Валид се свртеле кон север, поточно кон Ирак и Персија. Веќе наредната 633 година ја освоиле делтата на Шат-ел Араб, кај денешниот град Басра. Следната 634 г. Абу Бакр испраќа 30.000 коњаници кон Палестина, каде ја победува византиската војска. Тоа Лето Господово тој умира, но претходно за нов калиф го назначува стратегот Омер (634-644) еден од најголемите воини на сите времиња. Тој во 636 г. кај Јармук така сурово го поразил византискиот командант Теодорос Сакелариу, што Империјата морала засекогаш да се повлече од Блискиот Исток. Антиохија го подига белото знаменце 637 г., истата година кога дефинтивно се руши Сасанидскиот Иран. Ерусалим се борел до 638 г., кога веќе не можел и се предал, а наредните две години било довршено заземањето на целокупна Месопотамија. По година ипол, потклекнува  Египет, а до крајот на истата деценија и либискиот град Триполи. Калифот Омер бидува наследен од Осман (644-656) кој се фокусирал на посеверни краишта. Тој од Византија ја одзел Ерменија, Кавказот и јужниот брег на Каспиското море.
После него, во новата Империја настануваат одредени превирања на верско-етнички план. Причина за тие превирања бил начинот на кој Омер бил наследен од Осман. Имено, калифот Омер бил убиен така што некој персиски роб го прободел со нож. На смртната постела Омер имал таман толку време да определи шест Пророкови соборци кои ќе го изберат неговиот наследник. Тие за нов калиф го прогласиле Осман, кој припаѓал на племето Умајади, противници на Мухамед. Во 656 г. Осман исто бил убиен од некои Бедуини, но Пророковата вдовица Ајша за атентатот го обвинила зетот на Пророкот – Али. По убиството на зетот Али na 24.1.661, на престолот се искачил Муавија (661-680), кој ги продолжил подзапрените освојувања. Тој го проширил исламското царство со териториите на денешна Либија и Белуџистан, а неговиот наследник Ал Малик (685-705) ги зазел Алжир и Мароко. Фантастичната експанзија привршува со калифот Валид (705-715) кој, освен Авганистан и Пакистан, ја зазел и Визиготска Шпанија!

Thursday, October 27, 2011

БОРБИТЕ НА СЛОВЕНИТЕ СО ВИЗАНТИЈА 517-680 г.


Војните на Византија против Германите во VI век ќе се покажат како пресудни за интензивирање на словенската колонизација на Балканскиот полуостров. Ако претходното столетие било во знак на готското присуство на византиските територии, VI и VII век биле карактеристични по големото словенско „цунами“ кое ја потопило Југоисточна Европа и потполно ја променило нејзината етничка слика. Словенската навала започнала во времето на Јустин I, вујкото на Јустинијан. Во учебникот по историја за први клас гимназија од „Просветно дело“ (2009) се наведува: „според пишувањето на хроничарот Комес Марцелин, во 517 година словенски коњаници навлегле се’ до Термопилите и Стар Епир и ги ограбиле двете Македонии – провинциите Macedonia Prima и Macedonia Secunda“. Понатаму се вели: „За време на византискиот цар Јустинијан Први (527-565), според Прокопиј Кесариски, Словените од зад Дунав ’скоро секоја година’ ја преминувале реката и ги напаѓале византиските области и Македонија. Според сирискиот автор Јован Ефески, првото потрајно населување на Словените во Македонија се случило меѓу 574 и 584 г., а по неуспешната опсада на Солун меѓу 581 и 584, дел од Словените останале да живеат во Македонија, а другите се вратиле зад Дунав. Кон крајот на шести и првата деценија на седми век, Македонија со исклучок на Солун била населена со Словени.“
Колонизацијата на Антите и Словените веројатно се случила поради големото слабеење на Византија, предизвикано од Готската војна. Таа била прескапа и ги потрошила сите пари што биле оставени како резерви од страна на Јустин I и особено монофизитот Атанасиј I, кој спровел една тешка фискална реформа на крајот на V и почетокот на VI. Големите Јустинијанови освојувачки војни против Остроготите, Вадалите и Визиготите ја ослабеле економијата на Вториот Рим. Додека Јустинијановите трупи славеле победи на Западот, Азија го сведочела наглото зајакнување на Иран, а Словените во се’ поголеми маси продирале на Балканскиот полуостров.
Според големиот византолог Острогорски, во VI век Словените и Антите биле византиските главни воени непријатели, кога била во прашање нејзината севрна граница на Дунав. Иако упаѓачки реидови сигурно имало и во претходното столетие, „од почетокот на владата на Јустинијан I, Словените и Антите вршат постојани напади  на Балканскиот полуостров“ – вели Г. Острогорски во делото „Византија и Словени“. Тој го цитира Прокопиј, кој напишал дека словенските упади, коишто првин се сведувале на грабеж и пустошење, во средината на столетието влегле во нова фаза на трајно задржување: 550-551 поголема група Словени презимила на византиско тло „како во сопствена куќа, без икаков страв од непријатели“ – вели Прокопиј. Годиштето се совпаѓа со завршувањето Готска војна, во која силите на Царигард биле докрај исцрпени.
Борбите на Византија со Словени биле и агенс на внатрешно-политичките збиднувања. По првите обиди Словените и Антите на јуриш да го заземат Солун во 584 и 586 г., дошло до контранапад на Константинопол. Новиот василевс Маврикиј решил да се пресмета со Словените, кои во тоа време се’ уште биле стационирани зад Дунав. Тој испраќа воена експедиција на чело со војсководецот Приск, чијшто исход ќе ја промени судбината на Балканот. Византиските бригади повеќепати го преминувале Дунав, задавајќи им удари на словенските селански чети. Но, тоа скоро и да не ја вознемирувало огромната словенска маса, која како да чекала погоден момент за да се втурне на југ. По неколкугодишни безрезултатни атакувања, во редовите на византијците почнале да избиваат немири. „Незадоволството во редовите на византиските војници во 602 г. прераснува во отворено востание – вели Г. Острогорски во споменатата книга. „Војската ги напушта позициите и на чело со подофицерот Фока тргнува према Цариград. На тоа, избива бунт и во самата византиска престолнина, каде народните партии заеднички се креваат, го соборуваат од престол Маврикиј и го прифаќаат за цар Фока“ (с. 23). Ова како да бил сигналот што го чекале Словените. Тие го преминале Дунав и го преплавиле Балканот, населувајќи се дури на Пелопонез.

Wednesday, October 26, 2011

ГОТСКО-ВАНДАЛСКИТЕ ВОЈНИ НА ЈУСТИНИЈАН 533-552 г.



Со Јустинијан дефинитивно завршува Доцната антика и започнува Раното средновековие. Тој бил роден во близината на Скопје, во селото Таор. Византискиот историчар Прокопиј – инаку учесник на Војната против Вандалите - сметал дека Јустинијан бил или од словенско или од илирско потекло. Тој дошол на престолот по смртта на вујко му Јустин I во 518 г. кој исто бил од негрчко потекло. Првата деценија ипол од Јустинијановата влада била во знакот на партиски превирања. Неговата верска политика била толку оспорувана, што предизвикала обединување на „сините“ и „зелените“ (десницата и левицата) против него. Јустинијан пружил отпор по наговор на царицата Теодора, која против партиските милитантни ја ангажирала војската на чело со Велизар. Освен овие проблеми, Византија била преокупирана со етнички прашања. На Дунав се’ повеќе притискале огромни маси на Словени, а не било решено во целост ниту германското прашање. Влијанието на Германите во византиската војска било сузбиено од страна на Зенон Исавриецот, ама источните Готи биле мошне присутни на Балканот. Остроготските чети на чело со Одоакар 476 г. влегле во Рим и го поништиле Западното римско царство. Визиготите господареле со Шпанија, Франките со Галија, а Вандалите со провинцијата Африка. Во 468 г., царот Лав I се обидел да го победи вандалскиот кнез Гајзерих, испраќајќи голема флота од илјада бродови, но неговата кампања доживеала фијаско.
Јустинијан одлучил да ги нападне Вандалите, откако кнезот Гелимер во 530 г. го соборил од тронот мирољубивиот Хилдерик. Експедицијата што во 533 г. ја предводел Велизар, според Прокопиј имала 18.000 души („Де бело Вандалико“) и за кратко време покажала голем успех. После истоварувањето во Тунис, дошло до првата поголема битка кај Ад Децимум и веднаш се видело дека Вандалите не се дораснати на модернизираната византиска војска. По неколкумесечно криење, Гелимер се предал и следната 534 г. бил донесен во Цариград, каде што јавно се одрекол од круната.
Опиен од изненадувачкиот триумф во северна Африка, Јустинијан помислил дека тој е божјиот избраник што треба да го ослободи целото Римско царство. Затоа, уште веднаш почнал да крои планови како да се справи со Остроготите во Италија. Веќе следната 535 г. била буџетирана нова кампања, која ќе се покаже далеку покомплицирана од онаа Вандалската. Главнината на поморските сили под Велизар била пратена на Сицилија, каде што и се истоварила. Наредната 536 г. византијците се префрлиле во Реџо Калабрија и започнале со борбите за либерализирање на варваризираните градови. Прв в шаки на Велизар му паднал Неапол, а кон крајот на годината и Рим, од каде бил истеран готскиот кнез Витигес. Арно ама, веќе идната пролет Остроготите го опседнале Вечниот град и започнала нова фаза во Готската војна. Ромејците успеале да ја заземат остроготската престолнина Равена, но Германите ги повлекле своите соплеменици од Балканот и се прегрупирале кај Милано. Под водство на својот нов крал Тотила, тие им нанеле серија значајни порази на византиците, повратувајќи ја речиси цела Италија. Причина за дефанзивноста на Велизар веројатно било и двоумењето на Јустинијан да му ја прати бараната помош. Имено, Јустинијан страхувал од популарноста на Велизар и затоа калкулирал дали и колку да му помогне. Тоа го искористиле Готите и со поткрепа на Франците, го зазеле Неапол 543 г. те го ставил под опсада Рим. Велизар правел се’ што можел да го спаси Вечниот град, ама воините на Тотила влегле во Рим и го опљачкале во 546 г.
Во критичниот миг, Јустинијан го повлекол Велизар од Апенините, за да го препрати во бој против иранските Сасаниди. На негово место го поставил војводата Нарцес, кој 551 г. добил наредба засекогаш да ги протера Готите од Италија. За таа цел му биле дадени преку 30 илјади војници, кои веќе истото лето се покажале надмоќни против Варварите. Во битките кај Сена Галика и Буста Галика, Нарцес остварил триумф, а самиот Тотила бил отепан. По победите и во Шпанија, Римското царство наново било обединето. Меѓутоа, цената на триумфот ќе се покаже превисока. Готската војна била Пировата победа на Јустинијан и тој оттогаш полека ја губи снагата.

Tuesday, October 25, 2011

САСАНИДСКИТЕ ВОЈНИ 502-506 и 602-628 г.


Со персиското кралство на Сасанидите завршува Антиката и стартува ерата на Средниот век. „Илустрираната енкциклопедија на светот“ од  Сомерсет Фрај (с. 227) пишува дека околу 226 г., снажниот и моќен внук на персискиот водач Сасан, Ардашир, го убил последниот цар на Партија, Арсасид и ја започнал славната лоза на кралевите Сасаниди, која траела до 640 година. Тие биле многу попросветени од партијанските владетели и во нивно време иранската цивилизација доживува невиден процут. На бојното поле, се’ до појавата на Арапите, Сасанидите нижеле долга низа победи. Она што за грчката империја била персиска Партија, тоа за двете римски царства бил Сасанидски Иран. Иранскиот колос бил противник ем на Стар Рим, ем на Константинопол. Едно од најголемите понижувања што ги претрпело западноримското царство бил заробувањето на Валеријан од страна на Шапур I, а заробениот Август послужил како стол при Шапуровото слегување од коњ. Слична судбина стотина години подоцна доживеал последниот пагански цар Јулијан. Тој иако ја освоил иранската престолнина Ктесифон, сепак бил убиен од страна на Шапур II во Месопотамија. Со Шапур II започнува „златата ера“ на зороастрискиот империум во IV и V век, а кулминацијата ќе ја доживееа во добата на шаховите Јаздегард I и Баграм V. Последниов шах, познат како „Дивото магаре“, водел две кратки војни со Византија 422 и 440 г., по што склучил долгогодишен мир.
Мирот ќе биде нарушен дури следното столетие со тнр. Анастасиева војна. Анастасиј I дошол на византискиот престол по смртта на Зенон 491. Тој бил роден во Драч, а на тронот седнал на 60-годишна возраст. Крупните реформи што ги спровел во сферата на финансиите предизвикале политички судири во Константинопол, а тоа го искористил иранскиот шах Кавад I и откинал неколку византиски територии во Мала Азија. Тоа било повод за Анастасиевата војна 502-506, која завршила со потпишување на седумгодишен мир, предизвикан од појавувањето на Хуните при Кавказот.
По Анастасиевата, следувала Ибериската војна, која се водела од 526 до 562 (Иберија било мало кнежевство на Кавказ, отприлика кај денешна Ингушија). Причина за војната било сојузништвото меѓу византискиот цар Јустин I и кавкаскиот поглавар Чат. Иранскиот шах Кавад ова не можел да го толерира бидејќи намеравал да го шири зороастризмот отаде Кавказ. Избила долгогодишна војна, во која Кавад и неговиот наследник Хозрој I биле поуспешни, победувајќи во неколку решавачки битки (Дара, Калиник).
Следувала нова војна за превласт на Црното море, наречена Колхидска, која се водела меѓу 540 и 562 г. Хозрој I бил вознемирен од византиските успеси против Готите и Вандалите, па одлучил да ја стави под контрола областа Лазика, источна Колхида (денешна Абхазија). Но, Јустинијан и неговиот славен генерал Велизар успешно се спротивставиле на сасанидските напори. Лазика останала под контрола на Цариград, со тоа што иранскиот шах за возврат добил одреден паричен надомест.
Последната и најистошувачка војна меѓу Иран и Византија се случила наредното столетие. Повод за војната било свалувањето од византискиот престол на Маврикиј од страна на Фока. Маврикиј (Мориц) претходно му помогнал на Хозрој II да стане шах. Кога Иранецот видел дека неговиот пријател е убиен од страна на обичниот војник Фока, решил да се одмазди, па му објавил војна. Тој судир извесниот руски историчар Лев Гумилов го нарекол „Светска војна на VII век“, бидејќи се водел од ѕидините на Цариград се’ до Централна Азија. За време на овој „рат“, на Косрој Победникот му пошло од рака да влезе дури во Ерусалим. Од таде го грабнал Светиот крст и со голема помпа, го однел во својата престолнина Ктесифон. Оваа војна е позната и по словенско-аварската опсада на Цариград 626, кога Словените за малку не успеале да влезат во византиската престолнина. Победник во последната сасанидска војна е византискиот цар Ираклиј, кој 628 г. успева да го заземе Дастагард – седиштето на Хозрој. Конечниот удар Ираклиј го задава во битката кај Нинива (Мосул) истата година, по која Хозрој умира, а неговиот син Кавад II го враќа Светиот крст назад.

Friday, October 21, 2011

ХУНСКИТЕ ВОЈНИ 441-453 г.


Во 70-тите години на IV век започнал еден од најдраматичните процесеси во историјата на човештвото. Станува збор за почетокот на поместувањето на Хуните кон Запад. Хуните биле моноголски народ од уралско-алтајско потекло, кои долго време се бореле за простор во внатрешноста на Азија. Нивен главен противник биле племињата Шин, со кои биеле битка за превласт на Далечниот Исток. Но, кога Шин-Кинезите го изградиле Големиот кинески ѕид и трајно се заштитиле од упадите на племињата Хун (Хан), моголските Хуни биле приморани својот нов животен простор да го бараат на другата страна, кон Европа. Историските податоци говорат дека нивната наезда започнала 370 година, со што e иницирана Големата преселба на народите. Таа преставува една сеопшта промена на местоположбата на речиси сите европски народи, проследен со непрекинато војување и политичко превирање. Преселбата на народите фактички преставува една необјавена светска војна на преминот помеѓу Антиката и Раното Средновековие. Нејзини главни иницијатори е Хуните, а стожерна фигура на тие настани е хунскиот водач Атила. Хуните и Атила се прикажани во делото на византискиот историчар Јорданес „Гетика“, напишана 550 година.
Бичот божји, како што бил наречен овој  - според описите – грд и крвожеден азијат, го наследил својот чичко Руа на хунскиот престол во 434 година. Тој создал огромна држава чии граници биле од Урал до Алпите (по сегашни параметри, од Австрија до Казахстан). Главнината на хунските племиња била концетрирана во Панонија, поточно во денешна Унгарија, која била база за нивните војни со Римската држава. Тоа царство, за време на Теодосиј I, е конечно поделено на два дела и Бичот божји првин се свртува кон поблиското – Источното. Во 441 г. Атила и брат му Бледа го минуваат Дунав и редум ги заземаат Видин, Велград, Ниш, Пловдив и Аркадиопол. Хуните стигнале под ѕидините на Константинопол и по неуспешната опсада, се повлекле кон унгарскиот град Гер, каде што бил нивниот центар.
По убиството на брат му Бледа 445 г. Атила ја приграбил целосна власт над своето племе. Тогаш се свртел кон Западното римско царство. Војната против Рим започнала 451 година, кога илјадници косооки Хуни се упатиле од Панонската низина кон Апенинскиот полуостров и Галија (денешна Франција). Во својот воен поход стигнале до Париз, а потоа се спуштиле јужно кон Орлеан и Троа. Долгите битки кај овие градови му дале време на римскиот војсководец Ециј да ги консолидира латинските редови, привлекувајќи на своја страна многу варвари, меѓу кои голем број Келти, Словени и Германи. Во пресудната битка на Каталонските полиња, Великиот Хун бил поразен од римските легии на генералот Аециј и Визиготот Теодорих I. „Во таа фамозна војна помеѓу најхрабрите племиња, 160.000 луѓе наводно биле отепани на обете страни, при што само кај Гепидите и Франките – кои се бореле на различни страни: Франките за Рим, а Гепидите за Атила – имало 15 илјади мртви“ – вели Јорданес во „Гетика“.
Атила бил во лоши односи со западноримскиот цар Валентијан III бидејќи тој одбил да му ја даде сестра му Хонорија за жена. Затоа наредната 452 г. тој решил да се одмазди и да ја покори Италија. Разорувачкиот поход го започнал во Аквилеја, близу Венеција, кој што по Атилиниот поход бил избришан од лицето на земјата. Продолжил со пустошењата по долината на р. По и стигнал до нејзината притока Минчо, кај Мантова. Таму во пресрет му дошол папата Лав I Велики, кој го разуверил Атила да не пристапува кон уривање на Рим (оваа сцена е овековечена од ренесансниот великан Рафаел). Неочекувано, Бичот божји се согласил и се откажал од пљчкосувањето на вечниот град. Причина за тоа било веројатно избувнувањето разни епидемии, но и суеверието на Атила. Тој имено не сакал да ја вкуси судбината на готскиот поглавар Аларих кој, непосредно по уривачкиот погром на Рим 410 г., напрасно умрел. Меѓутоа, не ја избегнал Алариховата судба. Две години подоцна, во првата брачна ноќ со својата нова невеста Илдико, хунскиот поглавица починал, изгледа од хеморагија. Веќе следното лето 454, по бунтот на Остроготите, Хунската империја се распаднала.

Thursday, October 20, 2011

КОНСТАНТИН И ВОЈНИ НА ТЕТРАРХИЈАТА 312 324 г.


Првиот христијански цар Константин, роден во Ниш 274 година, водел многу војни во животот. Тој бил бил син на владетелот Констанциј Хлор, актер од ерата на римскиот цар Диоклецијан. Диоклецијановото доба кон крајот на III век, било обележано со голема нестабилност на римската администрација. Предизвиците со кои се соочила Империјата биле толкави што било невозможно таа да се управува од еден човек. Оттаму, веќе Диоклецијан 285 г. одлучил да ја подели власта со војсководецот Максимијан. Во 292 г. уште двајца генерали добиле по четвртина од римската држава – Константиновиот татко Констанциј Хлор и цезарот Галериј. Со тоа била воспоставена тнр. Тетрахија, која за период од неколку декади успеала да ги стабилизира приликите во Медитеранскиот басен. Во поделбата на териториите, како што известува Јакоб Буркхард во книгата „Епохата на Константин Велики“ (с. 48-52) таткото на Константин ги добил западните провинции Британија и Галија, денешна Франција. Во 305 г. остарените Диоклецијан и Максимијан абдицирале, па за цезари биле поставиле двајца нови офицери: Север и Максимин Даја. По смртта на Констанциј Хлор 306г. и Галериј 311 г., во тетрархијата се вклучиле Константин и Максенциј, синот на Максимијан. Кругот на учесниците во внатрешната војна, која набргу ќе започне во разнебитеното Римско царство, се затворил по убиството на Север и доаѓањето на власт во Илирик на цезарот Ликиниј.
Татракордот завојувал меѓу себе. Прв противник на Константин Велики, кој бил на чело на Галија, неизбежно бил Максенциј, кој раководел со Италија.
За да го протера цезарот Максенциј од Рим, Константин собрал голема војска составена од Гали и Бритонци и се проврел на Апенините преку алпските превои. Тоа се случило пролетта 312 г., а првиот утврден град кој паднал пред Константин била Суза. Следувало Торино, Бреша, Верона, Аквилеја, Модена и на крај Равена. Патот кон Рим бил отворен. Пресудниот бој се случила крај надојдениот Тибар, на местото викано Сакса Рубра. Непосредно пред битката, како што пишува во христијанските панегирици, на Константин му се сонил сон во кој Господ Бог му го покажал крстот и му порачал: „Под овој знак ќе победиш“. И вистина, утредента Константиновата војска страотно ја поразила Максенцијовата, што дури и самиот тетрарх се удавил во Тибар. Ова Константин го протолкувал како сигнал дека треба да го признае христијанството, што набргу го сторил со издавањето на Миланскиот едикт 313. Овој едикт гарантирал неограничена слобода за сите култови, што ги вклучило и бројните ранохристијански секти. Од тој момент,  престанале репресалиите што се вршеле над христијаните, а самиот Константин, по пример на мајка си, ја прифатил новата вера. Наскоро таа била прогласена за единствена државна религија, поради што Црквата го прогласува Константина за светец.
По блескавата победа на Милвискиот мост 312 г. останале живи тројца цареви: Константин, кој управувал со целокупниот Запад и Ликиниј и Максимин Даја, кои ја раководеле Југоисточна Европа и Мала Азија. Во меѓусебна пресметка, најпрвин како жртва паднал Максимин Даја, кој во битката кај Цирал, на 30 април 313 г., бил совладан од страна на Ликиниј. Во рингот останале двајцата најспособни: Тракиецот Константин и Илирот Ликиниј. Трпението го издало помладиот Константин, кој застанал на чело на своите трупи и преку Емона – Љубљана, се упатил кон Панонија. До тешка битка дошло во Срем, кај местото Цибал (денешно Винковци). Со голем напор на Константина му пошло од рака да го потисне Ликиниј, кој се повлекол кон Сирмиум (Сремска Митровица). Константин тргнал по него. Ликиниј сопрел во Тракија и решил да си ги одмери снагите со ривалскиот Август. Местото на пресметката било Кампус Ардиенсис каде во ноември 316 се случил тежок, но неодлучен „окршај“. Се пристапило кон преговори, како резултат на кои било договорено Константин да го добие Балканскиот полуостров, а Ликиниј Мала Азија. Тетрархиските војни  завршиле со победа на Константин во битката кај Златоград на 18 септември 324 г.

Tuesday, October 18, 2011

ДАКИСКО-ПАРТИСКИТЕ ВОЈНИ НА ТРАЈАН 101-113 година


Кон крајот на првиот век од нашата ера, во Рим дошло до смена на династиите.  Флавиевата лоза била заменети со стариот сенаторски род Антонини. Прв претставник на оваа династија бил Нарва, со кој започнува добата на тнр. „Пет цареви-филозофи“. Втор владетел во таа императорска линија бил Марко Трајан, во чие време Римското царство ги достигнало своите најголеми граници. Царот Трајан, кој владеел 20 години, бил роден во Шпанија. Со оглед на тоа дека бил воено лице, тој решил да поведе агресивна надворешна политика и да се справи со непослушниците на Истокот. Особен предизвик му претставувала Дакија, во која се осамостоил локалниот водач Децибал. И во Дакија, која е на територијата на денешна Романија, и во Тракија, јужно од неа, се бележеле знаци на државно организирање. Таквите знаци доживеале кулминација кон крајот на првиот век, кога Децибал стапил во преговори со кралот на Партија (североисточен Иран) за коалиција против Рим. Трајан тоа веќе не можел да го толерира и одлучил да се пресмета со антиримските сојузници.
Првата војна против Дакија се случила 101 година. Дакија се наоѓала на стратешка позиција, на рутата која се протегала долж р. Сава и Дунав, а потоа по Црноморскиот брег, до Мала Азија. Истовремено, таа разделувала две големи групи германски племиња, кои според мнението на Трајан, ќе биле најголемиот противник на Римската империја во II век. Имено, источно од Днестар живеела крупна агломерација на германски Готи, кои следното столетие навистина ќе се придвижат на Запад и ќе ја започнат тнр. Велика преселба на народите. Во брилијантниот поход, Трајан ги предводел своите легии до дачанската престолнина Сармизегетуза, која ја присилил на предавање. Дачанскиот крал Децибал прифатил да биде вазал на Рим, но наскоро го прекршил договорот. Трајан морал да се врати зад Дунав 105 г. и наново да ја заземе дачанската престолнина. Децибал се самоубил, а Дакија станала римска провинција.
По заземањето на Дакија, нагло пораснало римското влијание во Црноморскиот регион. Трајан исто така презел експедиции на Блискиот Исток и успеал да го освои градот Петра, во денешен Јордан. Ова било повод за нов евро-азиски конфликт. Основен проблем за кој не можело да се најде согласност меѓу двете тогашни супер-сили Рим и Партија било ерменското прашање. Ерменија била бафер-држава меѓу Рим и Партија, а пак Ерменците етнички блиски и до Европјаните и до Персијанците. Претходниот век имало некакво компромисно решение за земјата на кралот Тигран, но тоа било поништено кога со Партија управувал Хозрој. Тој го симнал од престолот ерменскиот крал, признат од Рим и затоа Трајан и’ објавил војна на Партија. Трајановиот поход започнал во 113 г. и по една година тој веќе ја поседувал Ерменија; година дена подоцна Трајан го зазел главниот град на Партија Ктесифон и од својата противничка Партија створил држава-клиент, а бил првиот и последен римски генерал кој стигнал до бреговите на Индискиот океан.
Вил Дјурант во делото „Цезар и Христ“ (с. 471) вели: „Луѓето во татковината учеа географија, пратејќи ги неговите победи; Сенатот се забавувал со известувањата, скоро секоја седмица, за уште некоја покорена или држава што забрзано се предава: Босфорското кралство, Колхида, азиска Иберија, Месенија, Медија, Асирија, Арабија Петреа, најнакрај и Партија. Партија, Ерменија, Асирија и Месопотамија станале провинции, а новиот Александар имал чест да го именува и круниса вазалниот крал кај старите римски непријатели. Стоејќи на брегот на Црвеното море, Трајан жалел што е одвеќе стар за да го повтори напредувањето на Александар Македонски до реката Инд. Се задоволил со тоа да изгради црвеноморска флота заради контрола на патувањата и трговијата до Индија; оставил гарнизони  во сите стратешки места, па неволно се вратил во Рим“.
Ова е врвот на Римската империја. Веќе Трајановиот наследник Хадријан ќе почне благо да ја намалува површината на Царството. Смртта на Трајан 117 е точката од која стартува падот на најмоќната држава на сите времиња.

Monday, October 17, 2011

БИТКА ВО ТЕВТОБУРШКАТА ШУМА 9 г.Х.е.


Во 2009 година во Германија се чествуваше две илјади години од битката во тевтобуршката шума. Во таа голема битка, Старите Германи постигнале крупна победа против Рим, а нивниот водач Арминиј станал еден од првите припадници на тој народ кој оставил белег во светската историја. Римската империја претходно со децении имала проблеми со немирните германски племенски сојузи. Во 16 г.п.н.е. неколку германски племиња ја минале Рајна и презеле низа походи во Галија (денешна Франција). За да ги сузбие таквите продори, Октавијан Август ја преместил римската граница од Рајна на Лаба, мислејќи дека со приклучувањето на Германиа Магна (денешна Германија) ќе го реши проблемот. Неговиот син-војсководец Друз презел неколку походи да ги покори Германите од ’11 до ’6 година, при што дел од припадниците на јужните Швеби се повлекле источно кон Бохемија. На самиот премин меѓу двата милениуми, покорените племиња од Германиа магна почнале наново да се бунтуваат. Но, овој пат имале одличен вожд.
Бунтот против Империјата го повел Арминиј, водачот на Херусите. Тој бил син на кнезот Сегимер, а бил легионер во римската војска и уживал доверба кај римскиот легат Публиј Квинктилиј Вар. Арминиј бил еквит (коњаник), имал звање дуктор популариум и поседувал римско државјанство, а го зборувал и латинскиот јазик. Квинтилиј Вар, кој претходно управувал со Сирија, слабо ја познавал наравта и борбеноста на Германите. Наместо да ја тренира војската за се’ поизвесниот сраз, тој и’ давал градежни задачи, како сечење дрва, поправка на друмови, градење мостови и сл. Септември 9-тата, Вар ги повел своите три легии кон зимскиот логор на Рајна. Тој добил информација од ривалскиот херуски благородник Сегест дека Арминиј – инаку љубовник и скорешен маж на неговата ќерка Туснелда – планира атак врз Римјаните. Меѓутоа, Публиј Вар не ги зел за сериозни ваквите предупредувања, сметајќи како составен дел на ривалитетот помеѓу германските „племичи“, та продолжил кон Тевтобург.
Проконзулот Вар ни најмалку не очекувал дека три римски легии можат да бидат загрозени од неуки Варвари. Римјаните не марширале во боев строј и биле помешани со голем број невоени лица, меѓу кои семејствата на легионерите. Според историчарот Дион Касиј, на 9. септември почнал да врне силен порој и патеката станала тесна и каллива. Воената колона се растегнала на 20 километри, кога до Вар стигнала вест дека челото е нападнато од Германи. Наскоро целата должина на колоната била изложена на дожд од копја и стрели. Римјаните успеале да направат закрепен логор и да го отфрлат првиот налет на Херуските. Но, веќе следното утро следувале нови и нови јуриши. Некои од придружните одреди почнале да дезертираат од боиштето. Главнината сепак успеала да го пробие обрачот и да побараат закрила в оближната шума. Но, тоа веќе било предвидено од Арминиј. Во густата гора се криеле илјадници германски стрелци, кои го знаеле секое дрво. Најпрвин ги пуштиле Римјаните што подлабоко да завлезат во коријата и да дојдат до ридот Калкризе, каде се случил решавачкиот „штурм“. Под налетот на германските мачеви и хелебарди, римската војска се распаднала. Во неколкучасовниот масакр, биле отепани меѓу 15 и 20.000 Римјани. Не можејќи да ја поднесе бруката, Вар извршил самоубиство на тој начин што се фрлил врз сопствениот меч. По неговиот пример, голем број офицери си го одзеле животот. Малкумина му се предале на непријателот, а дел биле заробени. Римскиот историчар Тацит известува дека заробените, согласно паганските германски обичаи, биле жртвувани на крајно суров начин. Наводно, некои биле распнати, другите изгорени, а трети живи сварени, за подоцна нивните коски да бидат користени во домородните религиозни церемонии! Вил Дјурант во книгата „Цезар и Христ“ опишува како принцепсот Октавијан Август ја доживеал веста за катастрофата во тевтобуршката шума. „Кога Август чул за ова, ’бил така длабоко погоден‘ - вели Светониј – ’што неколку месеци не ја бричел брадата ниту ја шишал косата; а повремено ќе лупнел во врата со глава и ќе извикнел: Квинтилиј Вар, врати ми ги моите легии!‘“

Friday, October 14, 2011

БАТОНСКАТА ВОЈНА од 6 до 9 г.н.е.


Требале да минат преку 200 години за Рим да доживее пораз како оној од Ханибал кај Кана. Таквиот пораз му го нанел илирскиот војсководец Батон, за време на таканаречената Батонска војна. Таа се случила за време на владееењето на Октавијан Август, кое било доба на релативен мир познат како Пакс Романа. Наследникот на Гај Јулиј Цезар бил на власт подолго време, кога балканските Илири, завладеани  33 г.п.н.е., по завршувањето на Граѓанските војни, се дигнале на буна. Причина за војната (или како што некои го нарекуваат востанието) биле: сеопштата фрустрација од новата римска власт, суровата локална управа, високите даноци, чувството за етничко единство меѓу Илирските племиња, како и свеста за сопствената моќ. Повод за војната било мобилизирањето на Илирите за борба против германското племе Маркомани. Водачот на илирското племе Дезидијати, Батон, ја ослободил денешна Босна, како и речиси целиот балкански брег на Јадранот, освен Солин. Во истовреме, се дигнал на востание и неговиот имењак и водач на илирското племе Бревци, кои живееле над Сава, во Панонија. Востанието се проширило со голема брзина и наскоро рутите, што воделе од Јадран кон централна Европа, биле прекинати.
Октавијан против Батовците го пратил идниот император Тибериј. Тој и гувернерот на Илирик Месалин, оформиле штит против илирскиот продор, негде кај Сисак. Ова го приморало Батон Босанецот да тргне кон позициите на својот имењак Батон Панонецот, со кого се споиле на Фрушка Гора. Во меѓувреме, од Исток, Илирите биле нападнати од римскиот претор Цецина Север. Север му се приклучил на Тибериј со кого заедно ја минале зимата меѓу 6. и 7. година од нашата ера. Во мочуриштата кај реката Вука, кај денешен Вуковар, Тибериј и Север почнале подготовки за јуриш на Цибал, денешно Винковци. Меѓутоа, додека логорувале, илирските војски извршиле страшен атак врз римската армија и целосно ја разбиле. Тоа се смета за најголем римски пораз од оној што им го нанел Ханибал кај Кана 216.
Сепак, поразот кај Вука (Волсца) не довел до напуштање на славонскиот простор од страна на Тибериј, кој бил познат по својата стрпливост и непопустливост. Напротив, тој продолжил со градба на утврдувања по течението на Сава со кои го попречувал соединувањето на разместените илирски одреди, коишто еден по еден ги напаѓал и ги ништел. Пред почетокот на зимата, тој испратил три легии во Мезија, кај Ниш, за да оневозможи продор на Траки и Даки од Исток, а остатокот од седум легии го закрепил долж Сава. Третата година од војувањето, римските легии добиле команда за придвижување кон југоисток. По течението на р. Босна тие се судриле со илирските чети и ги совладале. Тактиката на „спржена земја“ што зад себе ја оставале легионерите, како и поткупувањето на племенските водачи според начелото „раздели па владеј“, дале резултати. Компактаната илирска востаничка маса била разбиена, а дел од поглавиците поткупени. За бунтовниците најразочарувачка била веста дека и Батон Панонецот подлегнал на римската корупција. Кога неговиот имењак од племето Дезидијати дознал за тоа, го заробил вождот на Бревците и го погубил, успевајќи неговите соплеменици да ги задржи во својот табор. Потоа тој се повлекол на југ, кон денешните херцеговачки планини, во обид да продолжи со отпорот. На крајот на 8 г. Тибериј се вратил во Рим за на Октавијан Август да му поднесе извештај.
Последната четврта гоодина од војната, Тибериј одново е прекомандуван во Илирик за конечно да се пресмета со бунтовницте. Тој ја поделил армадата на три крила: првото настапувало од Срем, второто по теченијата на р. Уна и Врбас, а третото од Сисак. Четвртата група кохорти го чистела далматинскиот брег од востанички „џебови“. Набргу Батон бил принуден да се предаде, па го истакнал бело знаменце на тврдината во која се засолнувал. Станува збор за тврдината Андетриум, близу денешен Сплит. Иако било задушено во 9 г., Батонското востание оставило впечаток во Рим поради високиот морал. Хроничарите запишале дека „гордите илирски жени со доенчиња се фрлале в оган, а борците се наденувале на сопствените мачеви“.

Thursday, October 13, 2011

ГРАЃАНСКИТЕ ВОЈНИ ВО РИМ 88 –42 г.п.н.е


 Во Рим се воделе жестоки граѓански војни кои биле толку брутални што на крајот го уништиле демократското уредување. Првата се одвивала меѓу конзулите Сула и Мариј, а причина била доделувањето на римско државјанство на лица вон Италик, со тнр. Сулпициеви закони. Демократите собрани околу Мариј го одобрувале проширувањето на државјанството, а конзервативците -оптимати биле против. Отпрвин офанзивата биле во рацете на „левицата“, предводена од Мариј и двата следни конзули – Карбон и Цина. Но, по враќањето од Грција, каде што се пресметувал со Митридат, инцијативата ја презел „десничарот“ Сула. Тој однел серија крвави победи над популистите, по што завел систем на диктатура. За време на таа диктатура, биле вршени сурови репресии врз политичките противници, во кои биле погубени стотици сенатори – Мариевци, а нивниот имот бил конфискуван.
Во вториот период на тнр.  плутократија (владеење на богаташите)  во Рим се воделе две граѓански војни. Првата се водела од 50 до 45 г.п.н.е., а втората од 44 до 42 г.п.н.е. По завршувањето на овие две војни, Рим од република се преобразува во царство. Главни актери на војната ’50-’45 биле Гај Јулиј Цезар, од плебејската партија и Помпеј, од патрицијатот. Победникот над Митридат, Помпеј Велики  - инаку син на Страбон - се прогласил за прв човек на Републиката, поради што Цезар одлучил да го нападне. Во клучен момент („коцката е фрлена“) ја преминал реката Рубикон и со само една легија се упатил кон оптиматот Помпеј. Овој, иако држел под себе десетина легии, од Бриндизи се префрлил во Драч. Истовремено, во Шпанија, над реката Ебро, ги оставил своите команданти Петреус и Афраниј, но тие биле тактички мудро победени од Цезар. Од Пиринејскиот полуостров, Цезар се упатил кон Албанија, за конечно да се пресмета со Помпеј. На 29 ноември ’49 тој со првиот легионерски ешалон, од Бриндизи, се истоварил во Валонскиот залив и ги зазел Орикум и Аполонија. Неговиот противник, пак, се утврдил во Драч, како и в Македонија, каде што на реката Бистрица држел 7 легии. Два месеца непријателите се демнеле преку реката Вјоса, во централна Албанија. Напролет во март, Цезаровиот сојузник Марко Антониј се истоварил кај Скадар, од каде што успеал да ги пробие линиите на Помпеј и да се спои со Цезар. Јулиј тргнал према Исток, но тогаш кохортите на Помпеј го нападнале кај Драч и го победиле. Цезар одлучил и тој да се послужи со истата тактика. Ги нанамил кохортите на Помпеј во Тесалија и на 5 мај ’48, кај градот Фарсала, им го нанел решавачкиот пораз. И покрај ота што имал двојно помала војска, големиот стратег, со леснотија која го одушевила Рим, го совладал „улежаниот“ конзул. И згора на тоа, се послужил со неговата вечера, која била подготвена во раскошниот шатор. После поразот, Помпеј бега во Египет каде што бидува убиен. Оваа граѓанска војна Цезар успешно ја приведува кон крај со победата врз синот на Митридат, Фарнак – крал на државата Босфор – кого го надвил во битката кај Зела. Кога се вратил во Рим, победнички извикал: Вени, види, вики (Дојдов, видов, победив). Со победата врз Помпејовите синови во Шпанија 46 г.п.н.е. завршил триумфалниот рат на Гај Јулиј Цезар, по што следната година бил прогласен за доживотен диктатор на Римска империја.
За жал, не уживал многу во славата зашто по само 12 месеци бил убиен. Убиството го извршиле син му Брут и Касиј Лонгин. Првиот побегнал во Македонија, а вториот во Сирија. Римската власт ја приграбил конзулот Марко Антониј, ама народот бил многу гневен што го загубил обожуваниот Цезар. Одеднаш на сцената се појавува Октавијан, кого Цезар го посинил и означил за наследник во тестаментот. Тој го тепа Антониј кај Форум Галорум и го формира Вториот триумвират. Негови членови се Октавијан Август, Марко Антониј и Лепид. Тројцата вождови се префрлиле во Македонија, каде со заеднички сили го победиле отецубиецот Брут. Ова се случило есента 42 г.п.н.е. и таа граѓанска војна го означува крајот на Римската република. Сега триумвирите можеле на мира да ја поделат државата, па така Марко Антониј ја добил Македонија, Октавијан Италија, а Лепид Африка.

Wednesday, October 12, 2011

ПОНТСКИТЕ ВОЈНИ 89-64 г.п.н.е


 Понтското кралство било основано во почетокот на третиот век п.н.е. Се наоѓало крај југоисточниот брег на Црното море, под Понтските планини. Неговите жители веројатно биле Курди и Ерменци, а прв крал Митридат I, далечен предок на главниот протагонист на Понтските војни Митридат VI. Неговиот претходник Фарнак го проширил кралството со покраините Кападокија и Пафлагонија (денешна Анатолија), додека татко му – Митридат V – како заслуга за учеството на страната на Рим во Пунските војни, ја добива Фригија во југозападна Турција. Со тоа се создало големо кралство, кое во првиот век пред нашата ера тргнало во пресметка со Рим.
Првата Понтска војна започнала 89 г.п.н.е. и траела пет години. Римскиот владетел Никомед, чија провинција Битинија била прв сосед на Понтското кралство, го нападнал Митридат, но доживеал тежок пораз. Кон војските на Митридат се приклучиле многу робови, како и грчките јонски градови, кои сакале да ја повратат хеленската управа од претходните векови. Штом завршил со Мала Азија, тој се префрлил во Европа, каде ги завладеал Македонија и Тракија. Во Хелада бил дочекан како ослободител од долгогодишната римска власт и воскреснувач на хеленизмот.
Но, Римјаните не се миреле со губењето на Грција, па диктаторот Сула решил да се пресмета со Митридат и се истоварил во Тесалија. Продрел кон Атика и ја опколил Атина, која после неколку месеци опсада ја освоил, а нејзиниот лидер Аристион – го погубил. Митридат се спуштил од Македонија за да им помогне на своите, но во битката кај Херонеја доживеал пораз, по што морал да го склучи неповолниот Дардански мир 85 г. Три години подоцна, наследникот на Сула, Луциј Мурена, решил да го дотолчи Митридата, но претрпел неочекуван пораз. После ова, на Митридат му биле вратени дел од териториите. На теренот настапило затишје поради големите превирања што се случувале во Рим, предизвикани од репресалиите на Сула врз приврзаниците на Мариј (проскрипции).
Последната војна меѓу двете држави била од 74 до 64 г.п.н.е. Римските конзули Лукул и Кота тргнале во битка за Мраморно море (Пропонтида). Митридат им излегол во пресрет и ја совладал римската флота кај Визант. Ама, неговите обиди да ја освои јужниот брег на Мраморно море, како и Дарданелите, пропаднале. Бидејќи се наближила зимата, војната била прекината. Од 72 г.п.н.е. Митридат почнува да ниже неуспеси. Конзулот Лукул го потиснува Митридата дури и од неговата Понтска држава, при што овој бега во Ерменија, кај царот Тигран. Одбивањето на Тигран да го испорача зета си Митридат го испровоцирало Лукул да ја нападне и победи Ерменија. Но сепак, поради тешкиот терен, Лукул бил принуден да го забави походот, а тоа му дало шанса на Митридат да се врати во Понт и повторно да зајакне. Пролетта’66 Сенатот за главен војсководец го избира Помпеј, кој ќе ја приведе Понтската војна кон успешен крај. Митридат се утврдил на реката Ликус (денешен Келкит) и во градовите Севаст и Никопол (близу Ерзинџан), од каде што ги напаѓал легионерите. Но, направил тактичка грешка и Помпеј му ја уништил коњицата. После тоа, морал да бега во правец на денешна Грузија, бидејќи дедо му Тигран овој пат одбил да го заштити. Презимил во Диоскуријада, кај Сочи, од каде што почнал да крои планови како да се пробие во Северна Европа и од зад грб, како Ханибал, да го нападне Рим. Во меѓувреме, поради отпорот на кафкаските племиња, Помпеј одлучил да ја смени насоката и се спуштил на југ, кон Сирија, откако претходно ги покорил Понт и Битнија. Во 63 г. тој ја завладеал Јудеја, а наредната 63 и светиот град Ерусалим, кои ги претворил во римска провинџција Сирија. Таму Помпеј и ја примил веста за смртта на својот непријател Митридат. Имено, по скрасувањето во Босфорската кралевина на Крим и Азовски море, Митридат се соочил со побуна организирана од неговиот син Фарнак. Оставен од сите, тој најпрвин се обидел да се отруе, но неговиот организам бил претходно имунизиран. Разочаран, Митридат му наредил на својот роб да го прободе со меч. Наредбата била извршена, а понтската војна завршена.

Tuesday, October 11, 2011

РИМСКО-МАКЕДОНСКИТЕ ВОЈНИ 215-168 г.п.н.е.


Судирот меѓу Рим и Картагина имал пошироки димензии, предизвикувајќи воени пожари не само в Италик и Африка, туку и во други територии. Како додавка на трите пунски војни, биднала војната меѓу Рим и хеленистичка Македонија. Главни актери на тој конфликт се старомакедонските кралеви Филип V и Персеј. Првиот – спомнавме – му станал сојузник на Ханибал. По битката кај Кана 215 г.п.н.е. тој му објавува војна на Вечниот град. А, Римјаните на своја страна го привлекуваат Етолскиот сојуз во југозападна Грција. Во првата римско-македонска војна Филип де факто се борел со Етолските Грци, не со Римјаните, кои сепак на крајот му отстапиле некои територии во Илирик. Во втората римско-македонска војна, Римјаните на своја страна, покрај Етолците, го привлекле и пергамскиот крал Атал. Повод за таа војна, која почнала 200 година, било Филиповото одбивање да врати некои поседи во Сирија, што ги бил одзел од египетскиот фараон. После продирањето на Латините преку Албанија и навлегувањето на балканскиот југ, одлучувачката битка меѓу античките Македонци и Римската коалиција се случила на местото Киноскефала. Во таа битка, фалангите на Филип доживеале голем пораз и македонскиот крал морал да се откаже од сите заземени територии. Командантот на римските легии Тит Фламиниј во грчките градови бил славен како ослободител. Елините му искажувале вечна благодарност, оти ги ослободил од тиранијата на суровиот Филип и му ја вратил слободата на старогрчкиот свет. Меѓутоа, првичното одушевување од ослободителите набргу спласнало бидејќи Римјаните премногу се мешале во грчките внатрешни работи. Филип, од своја страна, не бил скршен со поразот кај Киноскефала, туку постепено ја јакнел сопствената фаланга. По смртта на Филип 179, тронот бил заземен од амбициозниот син Персеј, последниот крал на Античка Македонија од Антигонската династија. Тој ветил дека ќе продолжи со реформите и ќе ги реставрира силата и просперитетот на Македон, по што склопил сојуз со илирскиот крал Генц.
На Сенатот не му одговарало веднаш да почне трета војна со Македонија, па со дипломатски мерки ја слабеел алијансата што се создала околу Персеј. Му успеало да го разбие Беотскиот сојуз и контра Македонија, да го мобилизира Еумен II, кралот на Пергам (Баграма, Турција). Третиот римско-македонски судир почнал 171 г.п.н.е., а пресудната битка се случила 168 година. Тоа е битката кај Пидна во која војските на Персеј биле разбиени, па тој пораз се зема како крај на античка Македонија. Според условите на мирот, хеленистичката земја била поделена на четири окрузи кои не смееле да се спојуваат. Тие биле римски клиенти кои му плаќале данок на Рим. Персејовите илирски сојузници биле уништени, а 150 илјади луѓе биле продадени како робови. Околу 1.000 најистакнати, граѓани од полисите што го сочинувале Ахајскиот сојуз, биле земени во Италија како заложници, меѓу кои и историчарот Полибиј. Азното ограбено во Македонија било толку големо, што римските граѓани веќе немале потреба да плаќаат трибут.
-„Римската држава располагала со толкаво богатство, што во 167 г., по освојувањето на Македонија, ги ослободила граѓаните од непосредниот данок трибутум. Трибутот наметнат во освоените земји (главно трибут во натура), обештетувањата исплатувани од покорениот народ и богатството на владетелот, којшто Рим го имал покорено, ја полнеле римската државна каса. За време на триумфот на Аемилиј  Паул, во чест на неговата победа врз македонскиот крал Персеј во 168г., Римјаните присуствувале на изложување на воениот плен и богатствата при триумфалното дефиле. Плутарх раскажува (‘Животот на Аемилиј Паулус’ 31-33) дека 3.000 мажи дефилирале носејќи го воениот плен, од кој 750 вази полни со сребрени монети и 77 со златни. Се чини дека Римјаните прво се двоумеле да ги искористат сите извори  кои им биле на располагање. На пример, тие прво ги затвориле рудниците за скапоцени метали во Македонија, а потоа повторно ги отвориле во 158 г.“ – се вели во книгата „Рим од град-држава до царство“ од Елизабет Денио (с.37).

Monday, October 10, 2011

ИЛИРСКИТЕ БОРБИ во IV и III век п.н.е



Илирите учествувале во Тројанската војна, партиципирале во Пелопонеската, а се дел од воените собитија предизвикани од инвазиите на Келтите. Како што се наведува во делото „Историја на Македонија“ од д-р Васил Тупурковски, со Илирите војувале речиси сите старомакедонски кралеви, почнувајќи од Александар I Филхеленот и неговиот син Пердика II (вториов учесник на Пелопонеската војна на спартанска страна). Пердика и неговиот син Архелај – кралот што ја преселил престолнината од Еге во Пела - воделе двојна политика кон Илирите: од една страна притисок, а од друга, осојузување по пат на женидба.  Класичен пример за таа политика бил Филип II Македонски, кој имал три сопруги од илирско потекло (вклучувајќи ја и мајка му на Александар III, Олимпија), но истовремено водел жестоки воени кампањи против Илирите, Дарданците и другите прабалкански народи. Посебно големи неволји со Илирите беше имал Аминта III, наследникот на Архелај, којшто бил убиен 399. Владеењето на овој крал скоро во целост е обележано со војни против Илирите. Кон крајот на 394, големи илирски одреди, предводени од Бардуљ, кралот на Дарданија (денешно Косово), ја напаѓаат Македонија. Тие напади следната година се претвориле во инвазија од толкави размери, што Аминта бил принуден да повлекува кон Тесалија. Борбите со Илирите ќе продолжат и во време на син му Александар II, кој со праалбанците се спогодил така што им го дал својот најмлад брат Филип Македонски. Но, Александар загинува 367, само три години по седнувањето на тронот во Пела, а две лета потоа ќе умре и регентот на престолот Птоломеј. За крал е назначен Пердика III, средниот по старост Аминтов син. Тој го вратил од илирско заложништво брата си Филип II, а склучил и сојузништво со тогаш моќната Теба. „Пердика III загинал во борбите со илириските војски во 359 г.п.н.е., обидувајќи се, со дотогаш најбројната македонска армија, да го запре илирското навлегување“ – се вели во „Историја...“ на В. Тупурковски (с. 69).
Илирска држава на кнезот Агрон I, кој владеел од 250-231 г. се протегала од Неретва во Далмација до Епир. Агрон им задавал доста грижи на Грците и Римјаните со своите гусарски препади во Јадранско и Јонско море. Во 231 г.п.н.е него го наследува жена му Теута, која го освоила главниот епирски град Феникија, како и јадранските острови Хвар и Вис. Ова го натерало Рим да почне посериозно да се занимава со состојбите во тој дел на Јадранот оти била загрозена Отрантската врата. Тоа било повод за Првата илирска војна и во неа Рим за првпат ќе зачекори на Балканот. Сенатот одлучил да ја почне војната во 230, по што Теута тргнала да ги освојува Драч, Крф и Аполонија. Со римската флота командувал Фулвиј Центумал, а со копнената војска Постумиј Албин. Побројни и понадмоќни од Илирите, Римјаните ја победиле Теута, која отстапила кон Рисан во Бока Которска. Пролетта 228 таа побарала мир и тоа Рим го одобрил, под услов да не плови со повеќе од два брода јужно од Лисус (Лежа). Условот бил прифатен, а Теута ја задржала контролата над Бока Которска, Скадар и реките Бојана и Дрим.
Десетина години подоцна, во 219 г.пн.е., избувнала Втората илирска војна. „Деметриј Хваранинот одлучил да завладее со целиот илирски брег. Заради тоа, тој склопил сојуз со Македонија. Штом Римјаните дознале, решиле да го соборат Хваранинот. Кога Деметриј со 50 воени бродови запловил јужно од Лисус и ги опљачкал Кикладите во Егејско море, Римјаните в летото 219 го упатуваат против него конзулот Луциус Аемилиус Паулус со 20.000 пешаци и 2.000 коњаници, кој го напаѓа упориштето Димала (близу Драч), а потоа и Фарос, каде го тепал Деметрија. Фарос и околината на градот Димала паднале под римска власт. Дел од илирските водачи станале римски сојузници, а дел останале слободни. Втората пунска војна им пружила прилика на Илирите наново да ја отпочнат борбата против Римјаните. Илирскиот владетел Генциј склопил сојуз со македонскиот крал Персеј против Римјаните, што довело до третата римско-македонска војна, во која учествувале и Илирите“ - стои во текстот „Илирски војни“ во „Воената енциклопедија“ на ЈНА.

Friday, October 7, 2011

ПУНСКИТЕ ВОЈНИ 264-146 г..п.н.е.



Воените судири меѓу Рим и Картагина траеле дури 118 години. Целиот период од 264 до 146 година п.н.е. бил во знакот на битките помеѓу тие две супер-сили. Главната причина се состоела во тоа кој ќе го контролира западниот сектор на Средоземното море. Рим се пројавувал како се’ позначајна сила во Европа, додека Картагинците доминирале со Магреб и Блискиот Исток. Тие биле Феникијци, чија што матична татковина се наоѓала во денешен Либан, а нивното латинско име било Пуни (од Phoenicia). Главниот град Картагина се наоѓал кај денешен г. Тунис.
Првата Пунска војна се водела за Сицилија, важен остров за стратешка контрола на морепловството. „Ратот“ го обележале неколку поморски битки: кај Липарските острови, кај Мила, кај ‘ртот Екном и кај Егатските острови. Последнава била била решавачка, се случила 241 г. и ја добил Рим.
Втората пунска војна претежно се водела на копно и тоа во самиот Италик. Во периодот меѓу двете пунски војни, Картагина значајно се проширила во Шпанија. Пунскиот војсководец Хамилкар Барка се пробил до реката Ебро, речиси до Барцелона. Таа територија ќе му послужи на Хамилкаровиот син Ханибал за копнен напад врз Рим. Имено, Картагинците поучени од искуството на Првата пунска војна, решиле да го нападнат Вечниот град од зад грб – по земјен пат. Повод за Втората пунска војна било Ханибаловото заземање на градот Сагунто, денешна Валенсија, кој што бил сојузник на Рим. Март 218 г.п.н.е. Рим и` објавува војна на Картагина, по што Ханибал наредува „покрет“ према Пиринеите, со цел да изврши копнена инвазија на Италик. Римскиот конзул Публиј Сципион дознал дека Ханибал ги прешол Пиринеите и се упатил кон Масилија (Марсеј) за да му го попречи патот кон Азурниот брег. Арно ама, Ханибал со своите 36.000 луѓе и десетиците слонови, наместо по брегот, се упатил во внатрешноста на Галија и почнал да се качува на Алпите. Кон крајот на летото, по цена на немали загуби, тој успеал да го помине покривот на Европа и да стигне во Цисалпина.
По победите кај реките Тицино и Требија, Ханибал слегол во Ломбардија. Откако презимил, следната 217 г. Ханибал започнал да го реализира својот воен план. Пунските одреди се судриле со римските легии кај Тразименското езеро, кога дошло до недидена гибел за Рим – 15.000 легионери ги оставиле животите.  Сенатот бил шокиран и за диктатор го именувал искусниот борец Квинт Фабиј Максим. Овој диктатор ја применил „Фабијановата тактика“ на избегнување директен судир со Ханибал, оти знаел дека Пуните, кога тогаш, ќе останат без храна и залихи. Меѓутоа, ваквата наводно „кукавичка“ тактика не им се допаѓала на сенаторите и затоа го смениле Фабиј. Тие се решиле на директен судир со Ханибал и до него дошло наредната 216 г. Поразот што го претрпеле Римјаните во битката кај Кана бил од библиски пропорции. Според изворите, од 50,000 римски војници, само 14,000 ја преживеале битката кај Кана. Идната 215 г. Ханибал склопил анти-римски сојуз со македонскиот владетел Филип V, кому му пристапиле бројни илирски и келтски племиња. Меѓутоа, тогаш се буди патриотизмот на 200.000 римски граѓани, кои одлучуваатда ја брана својата слобода посекоја цена. Новиот патриотизам ги поттикнал римските конзули најпрвин да ги  повратат Сицилија 211 и Шпанија 210 г., за да ги пресечат сите комуникации на Ханибал со Картагина. Ханибаловиот брат Хаздрубал тргнал од Африка да им помогне на своите, но во битката кај реката Метаура бил победен обд Гнеј Сципион и отепан. После успесите во Шпанија, Гнеј Сципион Африканецот 204 г. бил прераспореден во Африка за да ја заврши работата. Во пресудната битка кај Зама, 202 г. Ханибал доживеал катастрофа. Исходот на Втората пунска војна бил решен: победил Рим.
Третата пунска војна ја водел внукот на Сципион Африканецот, Сципион Емилијан, инаку син на Емилиј Паул – победникот против последниот македонски крал Персеј. Сципион Младиот извршил опсада на Картагена 146 г. оневозможувајќи го снабдувањето на градот. Во погоден момент, тој наредил јуриш при кој Картагена е срамнета со земјата. На градското земјиште е фрлена анатема и поимот Пуни е избришан засекогаш.

Thursday, October 6, 2011

АЛЕКСАНДРОВИТЕ ПОХОДИ 334 – 323 г.п.н.е.


Војната на Александар Македонски против Персиската мажестик-империја може да се смета како прва интерконтинентална војна во ерата пред Исус. Тоа е затоа што со неа била зафатена севкупната позната површина на Земјата: Европа, предна Азија и Северна Африка. Главна економска причина за походот на Александар бил паричниот дефицит во неговиот и суфицитот во персискиот трезор. Додека главна политичка причина било соединувањето на јужноевропските племиња со иранскиот народ, со кого споделувале заедничко етногенетско потекло. Како една од причините би можела да се смета одмаздата на Европјаните кон Ахеменидите поради нивните претходни инвазии во Европа. Војната започнала пролетта 334 г.пр.н.е. со потиснување на Персијците од нивните најистурени западни позиции – Дарданелите. Иако со послаба флота, Огнот од Небесата успеал да го заземе теснецот Хелеспонт и да навлезе во малоазиското копно. До првиот фронтален судир дошло кај блиската река Граник во денешна Турција, каде 30 илјадната Александрова војска ја однела ја првата победа. По неа, сите грчки градови отаде Егејското море доброволно му се предале на Александар, со помали отпори во Милет, денес Милас и Халикарнас  - денешен Бодрум. Небесниот огин се упатил кон внатрешноста на Мала Азија и презимил во градчето Гордион, близу денешна Анкара каде го пресекол Гордиевиот јазол. Идната 333 година пак отпочнал пролетна офанзива, но не кон иранското плато, туку на југ – кон Египет. Сакал најпрвин да ја уништи персиската флота за да не се случи, кога ќе оперира во Меспотамија, таа зад грб да му ја освои Грција. Царот Дариј III му тргнал во пресрет со голема војска, па до битка дошло во декември истата година кај Исос. Александар повторно извојувал победа, но наместо да јуриша кон Вавилон, тој продолжил кон југ – в Египет. Знаел дека мора да ги покори пристаништата Тир и Газа, за да биде стратешки мирен од евентуални изненадување одзади. Во Царството на фараоните, каде бил дочекан како ослободител, го создал новиот град Александрија, како центар што ќе го шири хеленизмот наредните столетија. До крајот на 332 персиската флота била комплетно уништена и македонскиот освојувач можел да нападне во Азија. Пролетта 331 преку Тир навлегол во Меспотамија, каде повторно бил дочекан од огромната војска на Дариј. Со пресудна битка дошло кај местото Гавгамела, во близина на северноирачкиот град Арбил (Курдистан). Александар го столчил Дарија до нозе, после што потомокот на Кир и Ксеркс морал да бега кон Касписко море. Македонскиот војсководец отишол во Вавилот и Суза, кои што ги зазел без отпор. Меѓутоа, не останал во добро сеќавање кај Иранците зашто го разорил до темел украсот на Ахеменидското царство – Персеполис. Во април 331 пошол во прогон на Дариј во Медија, денешен ирански Курдистан, ама Царот одново побегнал. Овој пат се скрил во Бактрија (денешен Туркестан), каде бил убиен од локалниот сатрап Виз. Александар избил на Хиндукуш, во просторите на денешен Авганистан, од каде одоздола - од југ – се префрлил на север, во Бактрија. Ги преминал реките Окс и Јаксарт (деншните Сир Дарја и Аму Дарја) и близу Самарканд го заробил Виз, по што го убил. Останал извесен период онде, основајќи неколку града под име Александрија. Тие со векови после него, ја ширеле хеленистичката култура во Таџикистан, Узбекистан и Кина. Летото 327, преку Памир, одново навлегол во Авганистан и преку преминот кај Кабул, излегол во Пакистан, во долината на Инд. Иако го победил индускиот крал Порос, сфатил дека веќе нема резон преку Кашмир, да пенетрира во Индија. Прекинал со војните и заминал за Вавилон, каде што на 10. јуни 323 умрел.
„Александар покажал извонредни способности како тактичар“ се вели во книгата на д-р Васил Тупурковски „Историја на Македонија“. „Тој толку го унапредил процесот на приспособување на традиционалните родови на војската на новите услови на војување во Азија, што може да се зборува за инаугурирање на сосема нов систем, што може да се изедначи со реформите на Филип II“ – пишува проф. Тупурковски (с.442).

Wednesday, October 5, 2011

СПАРТАНСКО-ПЕРСИСКА ВОЈНА 400 – 387 г.п.н.е.



Со завршувањето на Пелопонеската војна, Спарта станува водечка сила во хеленскиот свет. Мирот по Пелопонеската војна траел само две-три години, кога нови воени превирања се случуваат во античка Грција. Една епизода во Месопотамија ќе послужи како вовед во нов конфликт – овој пат меѓу Спартанците и Парсите. Станува збор за епопејата позната под името „повлекувањето на десетилјадите“, опишана во книгата „Анаваза“ од историчарот Ксенофон, учесник и сведок на таа воена драма. Што всушност се случило? По смртта на императорот Дариј II, настанала династичка криза во персиски Иран. Помалиот Кир Младиот одбил да го прифати својот постар брат Артаксеркс Мнемон како цар и тргнал да се пресмета со него. Воениот поход отпочнал од Сард, близу денешен Измир, од каде Кир управувал со своите провинции во Мала Азија. Јадро на Кировата војска ја сочинувале десетина илјади грчки платеници, под команда на Спартанецот Клеарх. Арно ама, во битката крај р. Кунакса близу Вавилон, Мнемон Артаксеркс победил, а Кир бил убиен на бојното поле. Грците ја преживеале битката, но останале на туѓа територија, во денешен Ирак. Предводени од историчарот Ксенофон, тие почнале да се повлекуваат по течението на Тигар кон Мала Азија, со цел некако да избијат во грчките колонии на Црно море. Цела зима траела нивната голгота низ Ерменските и Курдски планини, за пролетта 400 г.п.н.е. конечно да избијат кај Трапезунт. Оттаму тие, преку Визант, успеале да си дојдат дома. Кога стигнале на Пелопонез, веднаш и’ се придружиле на Спарта, која веќе ја почнувала војната против Персија.
Причина за војната било желбата за мешетарење на Спарта среде грчките малоазиски градови, во состав на Персија. Конкретен повод за хеленскиот атак била најновата репресија врз персијанските Грци, поради поддршката што тие му ја дале на Кир Младиот. Уште на почетокот, Спартанците имале добар успех и во битката кај Сард го поразиле сатрапот Тисаферн. Тој бил убиен, а во грчки раце паднале големи количества злато. Меѓутоа, тогаш дошол удар од зад грб. Атина и Теба се ставиле на чело на неколкуте грчки полиси, кои биле незадоволни од спартанската тиранија. Тие го повеле тнр. Коринтски „рат“ против Спарта, кој започнал 394 г.п.н.е. Август истата година, на Персија, против Спарта, и’ се придружила Атина, чија што здружена ескадра и’ нанела тежок пораз на спартанската флота во битката кај Книд. Година дена подоцна, атинскиот стратег Конон, заедно со персискиот сатрап Фарнабаз, ги опустошиле бреговите на Пелопонез. Ама, тогаш на сцена стапила спартанската дипломатија. Лакедемонецот Анталкида дошол на персискиот двор и предложил склучување мир. Условите на мирот биле мошне поволни за Персија, доколку таа се откажела од сојузништвото со Атињаните. На конгресот во Сард, персискиот сатрап Тириваз го прочитал декретот според кој малоазиските градови се вратиле под контрола на Персија, но затоа Спарта наново воспоставила хегемонија во Грција. Тоа траело до 379 г.п.н.е. кога Теба ја отфрлила  спартанската власт во Беотија (реонот пред Атика). На сегрчкиот конгрес 371 г.п.н.е. Спарта одбила да ја признае Теба, поради што работите морале да се решат на бојно поле. Во битката кај Леуктра 371-та, тебанецот Епаминонда, употребувајќи го тнр. кос боев поредок, ја победува агресивната Спарта. Оттогаш нејзиното влијание е ограничено на Пелопонез. Една деценија со политичките состојби на Егејска Грција ќе доминира Теба, по што и нејзиното влијание рапидно ќе деклинира. Во IV век п.н. е. грчките држави-полиси ќе страдаат од крвави класни судири заради земјиште и пари, при што Персија ќе ја финансира опозицијата. Но, тоа е и добата на Платон, кој бил современик и на Пелопонеската и на Спартанско-персиската војна. Врз основа на тие збиднувања, тој ја напишал својата книга „Држава“, едно од најзначјните филозофско-идеалистички остварувања на сите времиња. И неговиот ученик и критичар Аристотел – инаку даскал на Александар Македонски – за своето дело „Политика“ црпел емпирија во бурните старогрчки воени настани од крајот на V и почеток на IV век п.н.е.