Tuesday, October 11, 2011

РИМСКО-МАКЕДОНСКИТЕ ВОЈНИ 215-168 г.п.н.е.


Судирот меѓу Рим и Картагина имал пошироки димензии, предизвикувајќи воени пожари не само в Италик и Африка, туку и во други територии. Како додавка на трите пунски војни, биднала војната меѓу Рим и хеленистичка Македонија. Главни актери на тој конфликт се старомакедонските кралеви Филип V и Персеј. Првиот – спомнавме – му станал сојузник на Ханибал. По битката кај Кана 215 г.п.н.е. тој му објавува војна на Вечниот град. А, Римјаните на своја страна го привлекуваат Етолскиот сојуз во југозападна Грција. Во првата римско-македонска војна Филип де факто се борел со Етолските Грци, не со Римјаните, кои сепак на крајот му отстапиле некои територии во Илирик. Во втората римско-македонска војна, Римјаните на своја страна, покрај Етолците, го привлекле и пергамскиот крал Атал. Повод за таа војна, која почнала 200 година, било Филиповото одбивање да врати некои поседи во Сирија, што ги бил одзел од египетскиот фараон. После продирањето на Латините преку Албанија и навлегувањето на балканскиот југ, одлучувачката битка меѓу античките Македонци и Римската коалиција се случила на местото Киноскефала. Во таа битка, фалангите на Филип доживеале голем пораз и македонскиот крал морал да се откаже од сите заземени територии. Командантот на римските легии Тит Фламиниј во грчките градови бил славен како ослободител. Елините му искажувале вечна благодарност, оти ги ослободил од тиранијата на суровиот Филип и му ја вратил слободата на старогрчкиот свет. Меѓутоа, првичното одушевување од ослободителите набргу спласнало бидејќи Римјаните премногу се мешале во грчките внатрешни работи. Филип, од своја страна, не бил скршен со поразот кај Киноскефала, туку постепено ја јакнел сопствената фаланга. По смртта на Филип 179, тронот бил заземен од амбициозниот син Персеј, последниот крал на Античка Македонија од Антигонската династија. Тој ветил дека ќе продолжи со реформите и ќе ги реставрира силата и просперитетот на Македон, по што склопил сојуз со илирскиот крал Генц.
На Сенатот не му одговарало веднаш да почне трета војна со Македонија, па со дипломатски мерки ја слабеел алијансата што се создала околу Персеј. Му успеало да го разбие Беотскиот сојуз и контра Македонија, да го мобилизира Еумен II, кралот на Пергам (Баграма, Турција). Третиот римско-македонски судир почнал 171 г.п.н.е., а пресудната битка се случила 168 година. Тоа е битката кај Пидна во која војските на Персеј биле разбиени, па тој пораз се зема како крај на античка Македонија. Според условите на мирот, хеленистичката земја била поделена на четири окрузи кои не смееле да се спојуваат. Тие биле римски клиенти кои му плаќале данок на Рим. Персејовите илирски сојузници биле уништени, а 150 илјади луѓе биле продадени како робови. Околу 1.000 најистакнати, граѓани од полисите што го сочинувале Ахајскиот сојуз, биле земени во Италија како заложници, меѓу кои и историчарот Полибиј. Азното ограбено во Македонија било толку големо, што римските граѓани веќе немале потреба да плаќаат трибут.
-„Римската држава располагала со толкаво богатство, што во 167 г., по освојувањето на Македонија, ги ослободила граѓаните од непосредниот данок трибутум. Трибутот наметнат во освоените земји (главно трибут во натура), обештетувањата исплатувани од покорениот народ и богатството на владетелот, којшто Рим го имал покорено, ја полнеле римската државна каса. За време на триумфот на Аемилиј  Паул, во чест на неговата победа врз македонскиот крал Персеј во 168г., Римјаните присуствувале на изложување на воениот плен и богатствата при триумфалното дефиле. Плутарх раскажува (‘Животот на Аемилиј Паулус’ 31-33) дека 3.000 мажи дефилирале носејќи го воениот плен, од кој 750 вази полни со сребрени монети и 77 со златни. Се чини дека Римјаните прво се двоумеле да ги искористат сите извори  кои им биле на располагање. На пример, тие прво ги затвориле рудниците за скапоцени метали во Македонија, а потоа повторно ги отвориле во 158 г.“ – се вели во книгата „Рим од град-држава до царство“ од Елизабет Денио (с.37).

No comments:

Post a Comment