Tuesday, October 18, 2011

ДАКИСКО-ПАРТИСКИТЕ ВОЈНИ НА ТРАЈАН 101-113 година


Кон крајот на првиот век од нашата ера, во Рим дошло до смена на династиите.  Флавиевата лоза била заменети со стариот сенаторски род Антонини. Прв претставник на оваа династија бил Нарва, со кој започнува добата на тнр. „Пет цареви-филозофи“. Втор владетел во таа императорска линија бил Марко Трајан, во чие време Римското царство ги достигнало своите најголеми граници. Царот Трајан, кој владеел 20 години, бил роден во Шпанија. Со оглед на тоа дека бил воено лице, тој решил да поведе агресивна надворешна политика и да се справи со непослушниците на Истокот. Особен предизвик му претставувала Дакија, во која се осамостоил локалниот водач Децибал. И во Дакија, која е на територијата на денешна Романија, и во Тракија, јужно од неа, се бележеле знаци на државно организирање. Таквите знаци доживеале кулминација кон крајот на првиот век, кога Децибал стапил во преговори со кралот на Партија (североисточен Иран) за коалиција против Рим. Трајан тоа веќе не можел да го толерира и одлучил да се пресмета со антиримските сојузници.
Првата војна против Дакија се случила 101 година. Дакија се наоѓала на стратешка позиција, на рутата која се протегала долж р. Сава и Дунав, а потоа по Црноморскиот брег, до Мала Азија. Истовремено, таа разделувала две големи групи германски племиња, кои според мнението на Трајан, ќе биле најголемиот противник на Римската империја во II век. Имено, источно од Днестар живеела крупна агломерација на германски Готи, кои следното столетие навистина ќе се придвижат на Запад и ќе ја започнат тнр. Велика преселба на народите. Во брилијантниот поход, Трајан ги предводел своите легии до дачанската престолнина Сармизегетуза, која ја присилил на предавање. Дачанскиот крал Децибал прифатил да биде вазал на Рим, но наскоро го прекршил договорот. Трајан морал да се врати зад Дунав 105 г. и наново да ја заземе дачанската престолнина. Децибал се самоубил, а Дакија станала римска провинција.
По заземањето на Дакија, нагло пораснало римското влијание во Црноморскиот регион. Трајан исто така презел експедиции на Блискиот Исток и успеал да го освои градот Петра, во денешен Јордан. Ова било повод за нов евро-азиски конфликт. Основен проблем за кој не можело да се најде согласност меѓу двете тогашни супер-сили Рим и Партија било ерменското прашање. Ерменија била бафер-држава меѓу Рим и Партија, а пак Ерменците етнички блиски и до Европјаните и до Персијанците. Претходниот век имало некакво компромисно решение за земјата на кралот Тигран, но тоа било поништено кога со Партија управувал Хозрој. Тој го симнал од престолот ерменскиот крал, признат од Рим и затоа Трајан и’ објавил војна на Партија. Трајановиот поход започнал во 113 г. и по една година тој веќе ја поседувал Ерменија; година дена подоцна Трајан го зазел главниот град на Партија Ктесифон и од својата противничка Партија створил држава-клиент, а бил првиот и последен римски генерал кој стигнал до бреговите на Индискиот океан.
Вил Дјурант во делото „Цезар и Христ“ (с. 471) вели: „Луѓето во татковината учеа географија, пратејќи ги неговите победи; Сенатот се забавувал со известувањата, скоро секоја седмица, за уште некоја покорена или држава што забрзано се предава: Босфорското кралство, Колхида, азиска Иберија, Месенија, Медија, Асирија, Арабија Петреа, најнакрај и Партија. Партија, Ерменија, Асирија и Месопотамија станале провинции, а новиот Александар имал чест да го именува и круниса вазалниот крал кај старите римски непријатели. Стоејќи на брегот на Црвеното море, Трајан жалел што е одвеќе стар за да го повтори напредувањето на Александар Македонски до реката Инд. Се задоволил со тоа да изгради црвеноморска флота заради контрола на патувањата и трговијата до Индија; оставил гарнизони  во сите стратешки места, па неволно се вратил во Рим“.
Ова е врвот на Римската империја. Веќе Трајановиот наследник Хадријан ќе почне благо да ја намалува површината на Царството. Смртта на Трајан 117 е точката од која стартува падот на најмоќната држава на сите времиња.

No comments:

Post a Comment