Friday, October 14, 2011

БАТОНСКАТА ВОЈНА од 6 до 9 г.н.е.


Требале да минат преку 200 години за Рим да доживее пораз како оној од Ханибал кај Кана. Таквиот пораз му го нанел илирскиот војсководец Батон, за време на таканаречената Батонска војна. Таа се случила за време на владееењето на Октавијан Август, кое било доба на релативен мир познат како Пакс Романа. Наследникот на Гај Јулиј Цезар бил на власт подолго време, кога балканските Илири, завладеани  33 г.п.н.е., по завршувањето на Граѓанските војни, се дигнале на буна. Причина за војната (или како што некои го нарекуваат востанието) биле: сеопштата фрустрација од новата римска власт, суровата локална управа, високите даноци, чувството за етничко единство меѓу Илирските племиња, како и свеста за сопствената моќ. Повод за војната било мобилизирањето на Илирите за борба против германското племе Маркомани. Водачот на илирското племе Дезидијати, Батон, ја ослободил денешна Босна, како и речиси целиот балкански брег на Јадранот, освен Солин. Во истовреме, се дигнал на востание и неговиот имењак и водач на илирското племе Бревци, кои живееле над Сава, во Панонија. Востанието се проширило со голема брзина и наскоро рутите, што воделе од Јадран кон централна Европа, биле прекинати.
Октавијан против Батовците го пратил идниот император Тибериј. Тој и гувернерот на Илирик Месалин, оформиле штит против илирскиот продор, негде кај Сисак. Ова го приморало Батон Босанецот да тргне кон позициите на својот имењак Батон Панонецот, со кого се споиле на Фрушка Гора. Во меѓувреме, од Исток, Илирите биле нападнати од римскиот претор Цецина Север. Север му се приклучил на Тибериј со кого заедно ја минале зимата меѓу 6. и 7. година од нашата ера. Во мочуриштата кај реката Вука, кај денешен Вуковар, Тибериј и Север почнале подготовки за јуриш на Цибал, денешно Винковци. Меѓутоа, додека логорувале, илирските војски извршиле страшен атак врз римската армија и целосно ја разбиле. Тоа се смета за најголем римски пораз од оној што им го нанел Ханибал кај Кана 216.
Сепак, поразот кај Вука (Волсца) не довел до напуштање на славонскиот простор од страна на Тибериј, кој бил познат по својата стрпливост и непопустливост. Напротив, тој продолжил со градба на утврдувања по течението на Сава со кои го попречувал соединувањето на разместените илирски одреди, коишто еден по еден ги напаѓал и ги ништел. Пред почетокот на зимата, тој испратил три легии во Мезија, кај Ниш, за да оневозможи продор на Траки и Даки од Исток, а остатокот од седум легии го закрепил долж Сава. Третата година од војувањето, римските легии добиле команда за придвижување кон југоисток. По течението на р. Босна тие се судриле со илирските чети и ги совладале. Тактиката на „спржена земја“ што зад себе ја оставале легионерите, како и поткупувањето на племенските водачи според начелото „раздели па владеј“, дале резултати. Компактаната илирска востаничка маса била разбиена, а дел од поглавиците поткупени. За бунтовниците најразочарувачка била веста дека и Батон Панонецот подлегнал на римската корупција. Кога неговиот имењак од племето Дезидијати дознал за тоа, го заробил вождот на Бревците и го погубил, успевајќи неговите соплеменици да ги задржи во својот табор. Потоа тој се повлекол на југ, кон денешните херцеговачки планини, во обид да продолжи со отпорот. На крајот на 8 г. Тибериј се вратил во Рим за на Октавијан Август да му поднесе извештај.
Последната четврта гоодина од војната, Тибериј одново е прекомандуван во Илирик за конечно да се пресмета со бунтовницте. Тој ја поделил армадата на три крила: првото настапувало од Срем, второто по теченијата на р. Уна и Врбас, а третото од Сисак. Четвртата група кохорти го чистела далматинскиот брег од востанички „џебови“. Набргу Батон бил принуден да се предаде, па го истакнал бело знаменце на тврдината во која се засолнувал. Станува збор за тврдината Андетриум, близу денешен Сплит. Иако било задушено во 9 г., Батонското востание оставило впечаток во Рим поради високиот морал. Хроничарите запишале дека „гордите илирски жени со доенчиња се фрлале в оган, а борците се наденувале на сопствените мачеви“.

No comments:

Post a Comment