Monday, October 17, 2011

БИТКА ВО ТЕВТОБУРШКАТА ШУМА 9 г.Х.е.


Во 2009 година во Германија се чествуваше две илјади години од битката во тевтобуршката шума. Во таа голема битка, Старите Германи постигнале крупна победа против Рим, а нивниот водач Арминиј станал еден од првите припадници на тој народ кој оставил белег во светската историја. Римската империја претходно со децении имала проблеми со немирните германски племенски сојузи. Во 16 г.п.н.е. неколку германски племиња ја минале Рајна и презеле низа походи во Галија (денешна Франција). За да ги сузбие таквите продори, Октавијан Август ја преместил римската граница од Рајна на Лаба, мислејќи дека со приклучувањето на Германиа Магна (денешна Германија) ќе го реши проблемот. Неговиот син-војсководец Друз презел неколку походи да ги покори Германите од ’11 до ’6 година, при што дел од припадниците на јужните Швеби се повлекле источно кон Бохемија. На самиот премин меѓу двата милениуми, покорените племиња од Германиа магна почнале наново да се бунтуваат. Но, овој пат имале одличен вожд.
Бунтот против Империјата го повел Арминиј, водачот на Херусите. Тој бил син на кнезот Сегимер, а бил легионер во римската војска и уживал доверба кај римскиот легат Публиј Квинктилиј Вар. Арминиј бил еквит (коњаник), имал звање дуктор популариум и поседувал римско државјанство, а го зборувал и латинскиот јазик. Квинтилиј Вар, кој претходно управувал со Сирија, слабо ја познавал наравта и борбеноста на Германите. Наместо да ја тренира војската за се’ поизвесниот сраз, тој и’ давал градежни задачи, како сечење дрва, поправка на друмови, градење мостови и сл. Септември 9-тата, Вар ги повел своите три легии кон зимскиот логор на Рајна. Тој добил информација од ривалскиот херуски благородник Сегест дека Арминиј – инаку љубовник и скорешен маж на неговата ќерка Туснелда – планира атак врз Римјаните. Меѓутоа, Публиј Вар не ги зел за сериозни ваквите предупредувања, сметајќи како составен дел на ривалитетот помеѓу германските „племичи“, та продолжил кон Тевтобург.
Проконзулот Вар ни најмалку не очекувал дека три римски легии можат да бидат загрозени од неуки Варвари. Римјаните не марширале во боев строј и биле помешани со голем број невоени лица, меѓу кои семејствата на легионерите. Според историчарот Дион Касиј, на 9. септември почнал да врне силен порој и патеката станала тесна и каллива. Воената колона се растегнала на 20 километри, кога до Вар стигнала вест дека челото е нападнато од Германи. Наскоро целата должина на колоната била изложена на дожд од копја и стрели. Римјаните успеале да направат закрепен логор и да го отфрлат првиот налет на Херуските. Но, веќе следното утро следувале нови и нови јуриши. Некои од придружните одреди почнале да дезертираат од боиштето. Главнината сепак успеала да го пробие обрачот и да побараат закрила в оближната шума. Но, тоа веќе било предвидено од Арминиј. Во густата гора се криеле илјадници германски стрелци, кои го знаеле секое дрво. Најпрвин ги пуштиле Римјаните што подлабоко да завлезат во коријата и да дојдат до ридот Калкризе, каде се случил решавачкиот „штурм“. Под налетот на германските мачеви и хелебарди, римската војска се распаднала. Во неколкучасовниот масакр, биле отепани меѓу 15 и 20.000 Римјани. Не можејќи да ја поднесе бруката, Вар извршил самоубиство на тој начин што се фрлил врз сопствениот меч. По неговиот пример, голем број офицери си го одзеле животот. Малкумина му се предале на непријателот, а дел биле заробени. Римскиот историчар Тацит известува дека заробените, согласно паганските германски обичаи, биле жртвувани на крајно суров начин. Наводно, некои биле распнати, другите изгорени, а трети живи сварени, за подоцна нивните коски да бидат користени во домородните религиозни церемонии! Вил Дјурант во книгата „Цезар и Христ“ опишува како принцепсот Октавијан Август ја доживеал веста за катастрофата во тевтобуршката шума. „Кога Август чул за ова, ’бил така длабоко погоден‘ - вели Светониј – ’што неколку месеци не ја бричел брадата ниту ја шишал косата; а повремено ќе лупнел во врата со глава и ќе извикнел: Квинтилиј Вар, врати ми ги моите легии!‘“

No comments:

Post a Comment