Wednesday, October 5, 2011

СПАРТАНСКО-ПЕРСИСКА ВОЈНА 400 – 387 г.п.н.е.



Со завршувањето на Пелопонеската војна, Спарта станува водечка сила во хеленскиот свет. Мирот по Пелопонеската војна траел само две-три години, кога нови воени превирања се случуваат во античка Грција. Една епизода во Месопотамија ќе послужи како вовед во нов конфликт – овој пат меѓу Спартанците и Парсите. Станува збор за епопејата позната под името „повлекувањето на десетилјадите“, опишана во книгата „Анаваза“ од историчарот Ксенофон, учесник и сведок на таа воена драма. Што всушност се случило? По смртта на императорот Дариј II, настанала династичка криза во персиски Иран. Помалиот Кир Младиот одбил да го прифати својот постар брат Артаксеркс Мнемон како цар и тргнал да се пресмета со него. Воениот поход отпочнал од Сард, близу денешен Измир, од каде Кир управувал со своите провинции во Мала Азија. Јадро на Кировата војска ја сочинувале десетина илјади грчки платеници, под команда на Спартанецот Клеарх. Арно ама, во битката крај р. Кунакса близу Вавилон, Мнемон Артаксеркс победил, а Кир бил убиен на бојното поле. Грците ја преживеале битката, но останале на туѓа територија, во денешен Ирак. Предводени од историчарот Ксенофон, тие почнале да се повлекуваат по течението на Тигар кон Мала Азија, со цел некако да избијат во грчките колонии на Црно море. Цела зима траела нивната голгота низ Ерменските и Курдски планини, за пролетта 400 г.п.н.е. конечно да избијат кај Трапезунт. Оттаму тие, преку Визант, успеале да си дојдат дома. Кога стигнале на Пелопонез, веднаш и’ се придружиле на Спарта, која веќе ја почнувала војната против Персија.
Причина за војната било желбата за мешетарење на Спарта среде грчките малоазиски градови, во состав на Персија. Конкретен повод за хеленскиот атак била најновата репресија врз персијанските Грци, поради поддршката што тие му ја дале на Кир Младиот. Уште на почетокот, Спартанците имале добар успех и во битката кај Сард го поразиле сатрапот Тисаферн. Тој бил убиен, а во грчки раце паднале големи количества злато. Меѓутоа, тогаш дошол удар од зад грб. Атина и Теба се ставиле на чело на неколкуте грчки полиси, кои биле незадоволни од спартанската тиранија. Тие го повеле тнр. Коринтски „рат“ против Спарта, кој започнал 394 г.п.н.е. Август истата година, на Персија, против Спарта, и’ се придружила Атина, чија што здружена ескадра и’ нанела тежок пораз на спартанската флота во битката кај Книд. Година дена подоцна, атинскиот стратег Конон, заедно со персискиот сатрап Фарнабаз, ги опустошиле бреговите на Пелопонез. Ама, тогаш на сцена стапила спартанската дипломатија. Лакедемонецот Анталкида дошол на персискиот двор и предложил склучување мир. Условите на мирот биле мошне поволни за Персија, доколку таа се откажела од сојузништвото со Атињаните. На конгресот во Сард, персискиот сатрап Тириваз го прочитал декретот според кој малоазиските градови се вратиле под контрола на Персија, но затоа Спарта наново воспоставила хегемонија во Грција. Тоа траело до 379 г.п.н.е. кога Теба ја отфрлила  спартанската власт во Беотија (реонот пред Атика). На сегрчкиот конгрес 371 г.п.н.е. Спарта одбила да ја признае Теба, поради што работите морале да се решат на бојно поле. Во битката кај Леуктра 371-та, тебанецот Епаминонда, употребувајќи го тнр. кос боев поредок, ја победува агресивната Спарта. Оттогаш нејзиното влијание е ограничено на Пелопонез. Една деценија со политичките состојби на Егејска Грција ќе доминира Теба, по што и нејзиното влијание рапидно ќе деклинира. Во IV век п.н. е. грчките држави-полиси ќе страдаат од крвави класни судири заради земјиште и пари, при што Персија ќе ја финансира опозицијата. Но, тоа е и добата на Платон, кој бил современик и на Пелопонеската и на Спартанско-персиската војна. Врз основа на тие збиднувања, тој ја напишал својата книга „Држава“, едно од најзначјните филозофско-идеалистички остварувања на сите времиња. И неговиот ученик и критичар Аристотел – инаку даскал на Александар Македонски – за своето дело „Политика“ црпел емпирија во бурните старогрчки воени настани од крајот на V и почеток на IV век п.н.е.

No comments:

Post a Comment