Wednesday, October 26, 2011

ГОТСКО-ВАНДАЛСКИТЕ ВОЈНИ НА ЈУСТИНИЈАН 533-552 г.



Со Јустинијан дефинитивно завршува Доцната антика и започнува Раното средновековие. Тој бил роден во близината на Скопје, во селото Таор. Византискиот историчар Прокопиј – инаку учесник на Војната против Вандалите - сметал дека Јустинијан бил или од словенско или од илирско потекло. Тој дошол на престолот по смртта на вујко му Јустин I во 518 г. кој исто бил од негрчко потекло. Првата деценија ипол од Јустинијановата влада била во знакот на партиски превирања. Неговата верска политика била толку оспорувана, што предизвикала обединување на „сините“ и „зелените“ (десницата и левицата) против него. Јустинијан пружил отпор по наговор на царицата Теодора, која против партиските милитантни ја ангажирала војската на чело со Велизар. Освен овие проблеми, Византија била преокупирана со етнички прашања. На Дунав се’ повеќе притискале огромни маси на Словени, а не било решено во целост ниту германското прашање. Влијанието на Германите во византиската војска било сузбиено од страна на Зенон Исавриецот, ама источните Готи биле мошне присутни на Балканот. Остроготските чети на чело со Одоакар 476 г. влегле во Рим и го поништиле Западното римско царство. Визиготите господареле со Шпанија, Франките со Галија, а Вандалите со провинцијата Африка. Во 468 г., царот Лав I се обидел да го победи вандалскиот кнез Гајзерих, испраќајќи голема флота од илјада бродови, но неговата кампања доживеала фијаско.
Јустинијан одлучил да ги нападне Вандалите, откако кнезот Гелимер во 530 г. го соборил од тронот мирољубивиот Хилдерик. Експедицијата што во 533 г. ја предводел Велизар, според Прокопиј имала 18.000 души („Де бело Вандалико“) и за кратко време покажала голем успех. После истоварувањето во Тунис, дошло до првата поголема битка кај Ад Децимум и веднаш се видело дека Вандалите не се дораснати на модернизираната византиска војска. По неколкумесечно криење, Гелимер се предал и следната 534 г. бил донесен во Цариград, каде што јавно се одрекол од круната.
Опиен од изненадувачкиот триумф во северна Африка, Јустинијан помислил дека тој е божјиот избраник што треба да го ослободи целото Римско царство. Затоа, уште веднаш почнал да крои планови како да се справи со Остроготите во Италија. Веќе следната 535 г. била буџетирана нова кампања, која ќе се покаже далеку покомплицирана од онаа Вандалската. Главнината на поморските сили под Велизар била пратена на Сицилија, каде што и се истоварила. Наредната 536 г. византијците се префрлиле во Реџо Калабрија и започнале со борбите за либерализирање на варваризираните градови. Прв в шаки на Велизар му паднал Неапол, а кон крајот на годината и Рим, од каде бил истеран готскиот кнез Витигес. Арно ама, веќе идната пролет Остроготите го опседнале Вечниот град и започнала нова фаза во Готската војна. Ромејците успеале да ја заземат остроготската престолнина Равена, но Германите ги повлекле своите соплеменици од Балканот и се прегрупирале кај Милано. Под водство на својот нов крал Тотила, тие им нанеле серија значајни порази на византиците, повратувајќи ја речиси цела Италија. Причина за дефанзивноста на Велизар веројатно било и двоумењето на Јустинијан да му ја прати бараната помош. Имено, Јустинијан страхувал од популарноста на Велизар и затоа калкулирал дали и колку да му помогне. Тоа го искористиле Готите и со поткрепа на Франците, го зазеле Неапол 543 г. те го ставил под опсада Рим. Велизар правел се’ што можел да го спаси Вечниот град, ама воините на Тотила влегле во Рим и го опљачкале во 546 г.
Во критичниот миг, Јустинијан го повлекол Велизар од Апенините, за да го препрати во бој против иранските Сасаниди. На негово место го поставил војводата Нарцес, кој 551 г. добил наредба засекогаш да ги протера Готите од Италија. За таа цел му биле дадени преку 30 илјади војници, кои веќе истото лето се покажале надмоќни против Варварите. Во битките кај Сена Галика и Буста Галика, Нарцес остварил триумф, а самиот Тотила бил отепан. По победите и во Шпанија, Римското царство наново било обединето. Меѓутоа, цената на триумфот ќе се покаже превисока. Готската војна била Пировата победа на Јустинијан и тој оттогаш полека ја губи снагата.

No comments:

Post a Comment