Војните на Византија против Германите во VI век ќе се покажат како пресудни за интензивирање на словенската колонизација на Балканскиот полуостров. Ако претходното столетие било во знак на готското присуство на византиските територии, VI и VII век биле карактеристични по големото словенско „цунами“ кое ја потопило Југоисточна Европа и потполно ја променило нејзината етничка слика. Словенската навала започнала во времето на Јустин I, вујкото на Јустинијан. Во учебникот по историја за први клас гимназија од „Просветно дело“ (2009) се наведува: „според пишувањето на хроничарот Комес Марцелин, во 517 година словенски коњаници навлегле се’ до Термопилите и Стар Епир и ги ограбиле двете Македонии – провинциите Macedonia Prima и Macedonia Secunda“. Понатаму се вели: „За време на византискиот цар Јустинијан Први (527-565), според Прокопиј Кесариски, Словените од зад Дунав ’скоро секоја година’ ја преминувале реката и ги напаѓале византиските области и Македонија. Според сирискиот автор Јован Ефески, првото потрајно населување на Словените во Македонија се случило меѓу 574 и 584 г., а по неуспешната опсада на Солун меѓу 581 и 584, дел од Словените останале да живеат во Македонија, а другите се вратиле зад Дунав. Кон крајот на шести и првата деценија на седми век, Македонија со исклучок на Солун била населена со Словени.“
Колонизацијата на Антите и Словените веројатно се случила поради големото слабеење на Византија, предизвикано од Готската војна. Таа била прескапа и ги потрошила сите пари што биле оставени како резерви од страна на Јустин I и особено монофизитот Атанасиј I, кој спровел една тешка фискална реформа на крајот на V и почетокот на VI. Големите Јустинијанови освојувачки војни против Остроготите, Вадалите и Визиготите ја ослабеле економијата на Вториот Рим. Додека Јустинијановите трупи славеле победи на Западот, Азија го сведочела наглото зајакнување на Иран, а Словените во се’ поголеми маси продирале на Балканскиот полуостров.
Според големиот византолог Острогорски, во VI век Словените и Антите биле византиските главни воени непријатели, кога била во прашање нејзината севрна граница на Дунав. Иако упаѓачки реидови сигурно имало и во претходното столетие, „од почетокот на владата на Јустинијан I, Словените и Антите вршат постојани напади на Балканскиот полуостров“ – вели Г. Острогорски во делото „Византија и Словени“. Тој го цитира Прокопиј, кој напишал дека словенските упади, коишто првин се сведувале на грабеж и пустошење, во средината на столетието влегле во нова фаза на трајно задржување: 550-551 поголема група Словени презимила на византиско тло „како во сопствена куќа, без икаков страв од непријатели“ – вели Прокопиј. Годиштето се совпаѓа со завршувањето Готска војна, во која силите на Царигард биле докрај исцрпени.
Борбите на Византија со Словени биле и агенс на внатрешно-политичките збиднувања. По првите обиди Словените и Антите на јуриш да го заземат Солун во 584 и 586 г., дошло до контранапад на Константинопол. Новиот василевс Маврикиј решил да се пресмета со Словените, кои во тоа време се’ уште биле стационирани зад Дунав. Тој испраќа воена експедиција на чело со војсководецот Приск, чијшто исход ќе ја промени судбината на Балканот. Византиските бригади повеќепати го преминувале Дунав, задавајќи им удари на словенските селански чети. Но, тоа скоро и да не ја вознемирувало огромната словенска маса, која како да чекала погоден момент за да се втурне на југ. По неколкугодишни безрезултатни атакувања, во редовите на византијците почнале да избиваат немири. „Незадоволството во редовите на византиските војници во 602 г. прераснува во отворено востание – вели Г. Острогорски во споменатата книга. „Војската ги напушта позициите и на чело со подофицерот Фока тргнува према Цариград. На тоа, избива бунт и во самата византиска престолнина, каде народните партии заеднички се креваат, го соборуваат од престол Маврикиј и го прифаќаат за цар Фока“ (с. 23). Ова како да бил сигналот што го чекале Словените. Тие го преминале Дунав и го преплавиле Балканот, населувајќи се дури на Пелопонез.
No comments:
Post a Comment