Wednesday, October 12, 2011

ПОНТСКИТЕ ВОЈНИ 89-64 г.п.н.е


 Понтското кралство било основано во почетокот на третиот век п.н.е. Се наоѓало крај југоисточниот брег на Црното море, под Понтските планини. Неговите жители веројатно биле Курди и Ерменци, а прв крал Митридат I, далечен предок на главниот протагонист на Понтските војни Митридат VI. Неговиот претходник Фарнак го проширил кралството со покраините Кападокија и Пафлагонија (денешна Анатолија), додека татко му – Митридат V – како заслуга за учеството на страната на Рим во Пунските војни, ја добива Фригија во југозападна Турција. Со тоа се создало големо кралство, кое во првиот век пред нашата ера тргнало во пресметка со Рим.
Првата Понтска војна започнала 89 г.п.н.е. и траела пет години. Римскиот владетел Никомед, чија провинција Битинија била прв сосед на Понтското кралство, го нападнал Митридат, но доживеал тежок пораз. Кон војските на Митридат се приклучиле многу робови, како и грчките јонски градови, кои сакале да ја повратат хеленската управа од претходните векови. Штом завршил со Мала Азија, тој се префрлил во Европа, каде ги завладеал Македонија и Тракија. Во Хелада бил дочекан како ослободител од долгогодишната римска власт и воскреснувач на хеленизмот.
Но, Римјаните не се миреле со губењето на Грција, па диктаторот Сула решил да се пресмета со Митридат и се истоварил во Тесалија. Продрел кон Атика и ја опколил Атина, која после неколку месеци опсада ја освоил, а нејзиниот лидер Аристион – го погубил. Митридат се спуштил од Македонија за да им помогне на своите, но во битката кај Херонеја доживеал пораз, по што морал да го склучи неповолниот Дардански мир 85 г. Три години подоцна, наследникот на Сула, Луциј Мурена, решил да го дотолчи Митридата, но претрпел неочекуван пораз. После ова, на Митридат му биле вратени дел од териториите. На теренот настапило затишје поради големите превирања што се случувале во Рим, предизвикани од репресалиите на Сула врз приврзаниците на Мариј (проскрипции).
Последната војна меѓу двете држави била од 74 до 64 г.п.н.е. Римските конзули Лукул и Кота тргнале во битка за Мраморно море (Пропонтида). Митридат им излегол во пресрет и ја совладал римската флота кај Визант. Ама, неговите обиди да ја освои јужниот брег на Мраморно море, како и Дарданелите, пропаднале. Бидејќи се наближила зимата, војната била прекината. Од 72 г.п.н.е. Митридат почнува да ниже неуспеси. Конзулот Лукул го потиснува Митридата дури и од неговата Понтска држава, при што овој бега во Ерменија, кај царот Тигран. Одбивањето на Тигран да го испорача зета си Митридат го испровоцирало Лукул да ја нападне и победи Ерменија. Но сепак, поради тешкиот терен, Лукул бил принуден да го забави походот, а тоа му дало шанса на Митридат да се врати во Понт и повторно да зајакне. Пролетта’66 Сенатот за главен војсководец го избира Помпеј, кој ќе ја приведе Понтската војна кон успешен крај. Митридат се утврдил на реката Ликус (денешен Келкит) и во градовите Севаст и Никопол (близу Ерзинџан), од каде што ги напаѓал легионерите. Но, направил тактичка грешка и Помпеј му ја уништил коњицата. После тоа, морал да бега во правец на денешна Грузија, бидејќи дедо му Тигран овој пат одбил да го заштити. Презимил во Диоскуријада, кај Сочи, од каде што почнал да крои планови како да се пробие во Северна Европа и од зад грб, како Ханибал, да го нападне Рим. Во меѓувреме, поради отпорот на кафкаските племиња, Помпеј одлучил да ја смени насоката и се спуштил на југ, кон Сирија, откако претходно ги покорил Понт и Битнија. Во 63 г. тој ја завладеал Јудеја, а наредната 63 и светиот град Ерусалим, кои ги претворил во римска провинџција Сирија. Таму Помпеј и ја примил веста за смртта на својот непријател Митридат. Имено, по скрасувањето во Босфорската кралевина на Крим и Азовски море, Митридат се соочил со побуна организирана од неговиот син Фарнак. Оставен од сите, тој најпрвин се обидел да се отруе, но неговиот организам бил претходно имунизиран. Разочаран, Митридат му наредил на својот роб да го прободе со меч. Наредбата била извршена, а понтската војна завршена.

No comments:

Post a Comment