Tuesday, October 25, 2011

САСАНИДСКИТЕ ВОЈНИ 502-506 и 602-628 г.


Со персиското кралство на Сасанидите завршува Антиката и стартува ерата на Средниот век. „Илустрираната енкциклопедија на светот“ од  Сомерсет Фрај (с. 227) пишува дека околу 226 г., снажниот и моќен внук на персискиот водач Сасан, Ардашир, го убил последниот цар на Партија, Арсасид и ја започнал славната лоза на кралевите Сасаниди, која траела до 640 година. Тие биле многу попросветени од партијанските владетели и во нивно време иранската цивилизација доживува невиден процут. На бојното поле, се’ до појавата на Арапите, Сасанидите нижеле долга низа победи. Она што за грчката империја била персиска Партија, тоа за двете римски царства бил Сасанидски Иран. Иранскиот колос бил противник ем на Стар Рим, ем на Константинопол. Едно од најголемите понижувања што ги претрпело западноримското царство бил заробувањето на Валеријан од страна на Шапур I, а заробениот Август послужил како стол при Шапуровото слегување од коњ. Слична судбина стотина години подоцна доживеал последниот пагански цар Јулијан. Тој иако ја освоил иранската престолнина Ктесифон, сепак бил убиен од страна на Шапур II во Месопотамија. Со Шапур II започнува „златата ера“ на зороастрискиот империум во IV и V век, а кулминацијата ќе ја доживееа во добата на шаховите Јаздегард I и Баграм V. Последниов шах, познат како „Дивото магаре“, водел две кратки војни со Византија 422 и 440 г., по што склучил долгогодишен мир.
Мирот ќе биде нарушен дури следното столетие со тнр. Анастасиева војна. Анастасиј I дошол на византискиот престол по смртта на Зенон 491. Тој бил роден во Драч, а на тронот седнал на 60-годишна возраст. Крупните реформи што ги спровел во сферата на финансиите предизвикале политички судири во Константинопол, а тоа го искористил иранскиот шах Кавад I и откинал неколку византиски територии во Мала Азија. Тоа било повод за Анастасиевата војна 502-506, која завршила со потпишување на седумгодишен мир, предизвикан од појавувањето на Хуните при Кавказот.
По Анастасиевата, следувала Ибериската војна, која се водела од 526 до 562 (Иберија било мало кнежевство на Кавказ, отприлика кај денешна Ингушија). Причина за војната било сојузништвото меѓу византискиот цар Јустин I и кавкаскиот поглавар Чат. Иранскиот шах Кавад ова не можел да го толерира бидејќи намеравал да го шири зороастризмот отаде Кавказ. Избила долгогодишна војна, во која Кавад и неговиот наследник Хозрој I биле поуспешни, победувајќи во неколку решавачки битки (Дара, Калиник).
Следувала нова војна за превласт на Црното море, наречена Колхидска, која се водела меѓу 540 и 562 г. Хозрој I бил вознемирен од византиските успеси против Готите и Вандалите, па одлучил да ја стави под контрола областа Лазика, источна Колхида (денешна Абхазија). Но, Јустинијан и неговиот славен генерал Велизар успешно се спротивставиле на сасанидските напори. Лазика останала под контрола на Цариград, со тоа што иранскиот шах за возврат добил одреден паричен надомест.
Последната и најистошувачка војна меѓу Иран и Византија се случила наредното столетие. Повод за војната било свалувањето од византискиот престол на Маврикиј од страна на Фока. Маврикиј (Мориц) претходно му помогнал на Хозрој II да стане шах. Кога Иранецот видел дека неговиот пријател е убиен од страна на обичниот војник Фока, решил да се одмазди, па му објавил војна. Тој судир извесниот руски историчар Лев Гумилов го нарекол „Светска војна на VII век“, бидејќи се водел од ѕидините на Цариград се’ до Централна Азија. За време на овој „рат“, на Косрој Победникот му пошло од рака да влезе дури во Ерусалим. Од таде го грабнал Светиот крст и со голема помпа, го однел во својата престолнина Ктесифон. Оваа војна е позната и по словенско-аварската опсада на Цариград 626, кога Словените за малку не успеале да влезат во византиската престолнина. Победник во последната сасанидска војна е византискиот цар Ираклиј, кој 628 г. успева да го заземе Дастагард – седиштето на Хозрој. Конечниот удар Ираклиј го задава во битката кај Нинива (Мосул) истата година, по која Хозрој умира, а неговиот син Кавад II го враќа Светиот крст назад.

No comments:

Post a Comment