Речиси истовремено, кога на Балканот се одвива словенскиот продор, на Блискиот Исток се случува грамадната арабјанска експанзија кон Азија и Африка. Цивилизација на семитските племиња од Арапскиот полуостров била недоволно позната до VI век (освен во ретки случаи). Таквата ситуација нагло се менува во почетокот на VII век и тоа благодарение на појавата на Пророкот Мухамед. Тој се родил околу 570 година и освен што бил Божји Гласник, имал и вонредни политички квалитети. Во својот шеесетгодишен живот, успел да ги обедини меѓусебно завојуваните семитско-арабјански племиња во политичка целина и да ги сплоти во новата монотеистичка религија – Исламот. Она што на воено-политички план се случило по смртта на Пророкот на 8 јуни 632, е без преседан во светската историја. За само неколку децении, калифат од Арабија се проширил до Пиринеите и Атлантскиот океан, на запад и до р. Инд и Кинескиот ѕид, на исток.
Еве како накусо се одвивале работите на воен план од втората третина на седмиот до првата половина на осмиот век. Абу Бекр е првиот калиф што го наследил Пророкот Мухамед. Тој бил татко на неговата омилена сопруга Ајша. За само две години, колку што живеел првиот калиф, освоил огромни пространства, првенствено поради способноста на неговиот главен командант Халид-ибн –ал-Валид (Меч Божји). Непосредно по смртта на Пророкот, одредени бедиуински племиња се обиделе да се сепарираат. Нивен центар било место Акраба, каде што се наоѓал и нивнито водач Маслама Малик. Војсководецот Ал Валид ги поразил Бедуините, а самата битка завршила со колеж во некоја градина, која оттогаш го добила називот „Бавча на смртта“. Со битката во Акраба завршила борбата за муслиманска доминација во С. Арабија. Неа, како што пишува Мирча Елијаде, ја започнал самиот Божји Гласник Мухамед, кога пет години претходно, во март 627, ја извојувал првата победа против силите на Мека, во битката кај Бедр („Историја веровања и религијских идеја“, с. 68-70).
По битката кај Акраба, Абу Бекр и Ал Валид се свртеле кон север, поточно кон Ирак и Персија. Веќе наредната 633 година ја освоиле делтата на Шат-ел Араб, кај денешниот град Басра. Следната 634 г. Абу Бакр испраќа 30.000 коњаници кон Палестина, каде ја победува византиската војска. Тоа Лето Господово тој умира, но претходно за нов калиф го назначува стратегот Омер (634-644) еден од најголемите воини на сите времиња. Тој во 636 г. кај Јармук така сурово го поразил византискиот командант Теодорос Сакелариу, што Империјата морала засекогаш да се повлече од Блискиот Исток. Антиохија го подига белото знаменце 637 г., истата година кога дефинтивно се руши Сасанидскиот Иран. Ерусалим се борел до 638 г., кога веќе не можел и се предал, а наредните две години било довршено заземањето на целокупна Месопотамија. По година ипол, потклекнува Египет, а до крајот на истата деценија и либискиот град Триполи. Калифот Омер бидува наследен од Осман (644-656) кој се фокусирал на посеверни краишта. Тој од Византија ја одзел Ерменија, Кавказот и јужниот брег на Каспиското море.
После него, во новата Империја настануваат одредени превирања на верско-етнички план. Причина за тие превирања бил начинот на кој Омер бил наследен од Осман. Имено, калифот Омер бил убиен така што некој персиски роб го прободел со нож. На смртната постела Омер имал таман толку време да определи шест Пророкови соборци кои ќе го изберат неговиот наследник. Тие за нов калиф го прогласиле Осман, кој припаѓал на племето Умајади, противници на Мухамед. Во 656 г. Осман исто бил убиен од некои Бедуини, но Пророковата вдовица Ајша за атентатот го обвинила зетот на Пророкот – Али. По убиството на зетот Али na 24.1.661, на престолот се искачил Муавија (661-680), кој ги продолжил подзапрените освојувања. Тој го проширил исламското царство со териториите на денешна Либија и Белуџистан, а неговиот наследник Ал Малик (685-705) ги зазел Алжир и Мароко. Фантастичната експанзија привршува со калифот Валид (705-715) кој, освен Авганистан и Пакистан, ја зазел и Визиготска Шпанија!
No comments:
Post a Comment