Monday, October 10, 2011

ИЛИРСКИТЕ БОРБИ во IV и III век п.н.е



Илирите учествувале во Тројанската војна, партиципирале во Пелопонеската, а се дел од воените собитија предизвикани од инвазиите на Келтите. Како што се наведува во делото „Историја на Македонија“ од д-р Васил Тупурковски, со Илирите војувале речиси сите старомакедонски кралеви, почнувајќи од Александар I Филхеленот и неговиот син Пердика II (вториов учесник на Пелопонеската војна на спартанска страна). Пердика и неговиот син Архелај – кралот што ја преселил престолнината од Еге во Пела - воделе двојна политика кон Илирите: од една страна притисок, а од друга, осојузување по пат на женидба.  Класичен пример за таа политика бил Филип II Македонски, кој имал три сопруги од илирско потекло (вклучувајќи ја и мајка му на Александар III, Олимпија), но истовремено водел жестоки воени кампањи против Илирите, Дарданците и другите прабалкански народи. Посебно големи неволји со Илирите беше имал Аминта III, наследникот на Архелај, којшто бил убиен 399. Владеењето на овој крал скоро во целост е обележано со војни против Илирите. Кон крајот на 394, големи илирски одреди, предводени од Бардуљ, кралот на Дарданија (денешно Косово), ја напаѓаат Македонија. Тие напади следната година се претвориле во инвазија од толкави размери, што Аминта бил принуден да повлекува кон Тесалија. Борбите со Илирите ќе продолжат и во време на син му Александар II, кој со праалбанците се спогодил така што им го дал својот најмлад брат Филип Македонски. Но, Александар загинува 367, само три години по седнувањето на тронот во Пела, а две лета потоа ќе умре и регентот на престолот Птоломеј. За крал е назначен Пердика III, средниот по старост Аминтов син. Тој го вратил од илирско заложништво брата си Филип II, а склучил и сојузништво со тогаш моќната Теба. „Пердика III загинал во борбите со илириските војски во 359 г.п.н.е., обидувајќи се, со дотогаш најбројната македонска армија, да го запре илирското навлегување“ – се вели во „Историја...“ на В. Тупурковски (с. 69).
Илирска држава на кнезот Агрон I, кој владеел од 250-231 г. се протегала од Неретва во Далмација до Епир. Агрон им задавал доста грижи на Грците и Римјаните со своите гусарски препади во Јадранско и Јонско море. Во 231 г.п.н.е него го наследува жена му Теута, која го освоила главниот епирски град Феникија, како и јадранските острови Хвар и Вис. Ова го натерало Рим да почне посериозно да се занимава со состојбите во тој дел на Јадранот оти била загрозена Отрантската врата. Тоа било повод за Првата илирска војна и во неа Рим за првпат ќе зачекори на Балканот. Сенатот одлучил да ја почне војната во 230, по што Теута тргнала да ги освојува Драч, Крф и Аполонија. Со римската флота командувал Фулвиј Центумал, а со копнената војска Постумиј Албин. Побројни и понадмоќни од Илирите, Римјаните ја победиле Теута, која отстапила кон Рисан во Бока Которска. Пролетта 228 таа побарала мир и тоа Рим го одобрил, под услов да не плови со повеќе од два брода јужно од Лисус (Лежа). Условот бил прифатен, а Теута ја задржала контролата над Бока Которска, Скадар и реките Бојана и Дрим.
Десетина години подоцна, во 219 г.пн.е., избувнала Втората илирска војна. „Деметриј Хваранинот одлучил да завладее со целиот илирски брег. Заради тоа, тој склопил сојуз со Македонија. Штом Римјаните дознале, решиле да го соборат Хваранинот. Кога Деметриј со 50 воени бродови запловил јужно од Лисус и ги опљачкал Кикладите во Егејско море, Римјаните в летото 219 го упатуваат против него конзулот Луциус Аемилиус Паулус со 20.000 пешаци и 2.000 коњаници, кој го напаѓа упориштето Димала (близу Драч), а потоа и Фарос, каде го тепал Деметрија. Фарос и околината на градот Димала паднале под римска власт. Дел од илирските водачи станале римски сојузници, а дел останале слободни. Втората пунска војна им пружила прилика на Илирите наново да ја отпочнат борбата против Римјаните. Илирскиот владетел Генциј склопил сојуз со македонскиот крал Персеј против Римјаните, што довело до третата римско-македонска војна, во која учествувале и Илирите“ - стои во текстот „Илирски војни“ во „Воената енциклопедија“ на ЈНА.

No comments:

Post a Comment