Monday, October 3, 2011

ПЕЛОПОНЕСКАТА ВОЈНА 431-404 г.п.н.е.



Војната меѓу Спарта и Атина, позната како Пелопонеска, која се водела во последната третина на V век п.н.е. претставува клучен настан во историјата на Античка Грција. Таа го означува крајот на Перикловото Златно доба, кое започнало со триумфот над Персијците 477 г.п.н.е. Главна причина за избувнувањето на Пелопонеската војна, како што објаснува првата историска, книга „Пелопонеската војна“ од Тукидид, била борбата за превласт над хеленските градови. До нејзиниот почеток, неспорен хегемон бил стоилјадната Атина, со својата демократија, но тоа сакала да го оспори војничката аристократија Спарта. Градот под Акропол ја држел поморската трговија во Егејот и кон малоазиските колонии. Но, Атина почнала да се шири и на запад и да им конкурира, како на спартанските интереси во Сицилија, така и Коринтските во Јонското море. Поради тоа, Спарта и Коринт одлучиле да го формираат Пелопонескиот сојуз против Атина. На страната на Перикле биле најголем дел од островите (со исклучок на Крит и Милос) потем јонските малоазиски градови, па Тесалија, Закинтос и Акарнанија, та црноморските понтски колонии. На противничката страна претежно и’ се приклучиле полисите од внатрешноста на Елада, како и сите градови на Пелопонез, во Беотија, Фокида, Арта и Лефкада, плус Македонија. Така, додека Атина била супериорна на море, Пелопонескиот сојуз бил посилен на копно.Повод за војна бил падот на олигархијата и воспоставување атински тип демократија на Крф, со што овој битен остров се оттргнал од влијанието на Коринт. Во капиталниот труд „Историја на хеленската книжевност“ на врвниот хеленист д-р Милош Ѓуриќ, се вака опишани причините за грчката војна: „Бидејќи со волјата на сојузниците доспеала до хегемонија, Атина со тоа ја предизвикала старата завист  на Спарта, зашто оваа, во таквата хегемонија, видела губење на својот доминантен положај, кој што го имала пред војните со Персијанците. Поради тоа, Атина морала својата стекната моќ да ја засилува и – за да не дојде до до одметнување на сојузниците – да развива се’ поостра централистичка политика, која со време сојузот го преторила во атинска власт (архи), првобитно слободните сојузници во поданици, а приносите во данок. Егејското море најпосле беше власт атинска“ (с. 421).
Војната имала три периоди. Во првиот период ниедна од двете страни не успеала да ја наметне својата воена воља. Градот на Атина Палада помалку страдал од војната, а повеќе од чумата која беснеела три години во пренаселената метропола. Таа однела голем број од пешадијците – хоплити, а и подлегнал и самиот Перикле. Лакадемонците, пак, од страв да не се заразат, не се приближувале до ѕидините над Пиреја. Во вториот период, атинската војска ја повел амбициозниот Алкибијад. Алкибијад одиграл пресудна улога во вториот период на војната. Тој требало да ја поведе атинската војска во поход на Сиракуза, грчки полис на Сицилија. Арно ама, во својот мегалополис бил обвинет дека ги осквернавил чуените Хермесови статуи, поради што се решил на предавство и пребегнал кај Сицилијанците. По негов совет, Спартанците почнале штедро да ги помагаат граѓаните на Сиракуза, која веќе била под опсада на Атина. Во битката од 3 – 7 септември 413 г.п.н.е. атинската флота била потопена, а нејзините команданти Демостен и Никија погубени. Во третиот период кој траел од 411 до 404 г.п.н.е. Атињаните биле дотолчени, посебно во поморската битка на устието на реката Егиспотами. Спартанскиот командант Лисандар ја уништил атинската флота, со што бил отворен влезот во градот. Атина конечно се предала.

No comments:

Post a Comment