Friday, October 7, 2011

ПУНСКИТЕ ВОЈНИ 264-146 г..п.н.е.



Воените судири меѓу Рим и Картагина траеле дури 118 години. Целиот период од 264 до 146 година п.н.е. бил во знакот на битките помеѓу тие две супер-сили. Главната причина се состоела во тоа кој ќе го контролира западниот сектор на Средоземното море. Рим се пројавувал како се’ позначајна сила во Европа, додека Картагинците доминирале со Магреб и Блискиот Исток. Тие биле Феникијци, чија што матична татковина се наоѓала во денешен Либан, а нивното латинско име било Пуни (од Phoenicia). Главниот град Картагина се наоѓал кај денешен г. Тунис.
Првата Пунска војна се водела за Сицилија, важен остров за стратешка контрола на морепловството. „Ратот“ го обележале неколку поморски битки: кај Липарските острови, кај Мила, кај ‘ртот Екном и кај Егатските острови. Последнава била била решавачка, се случила 241 г. и ја добил Рим.
Втората пунска војна претежно се водела на копно и тоа во самиот Италик. Во периодот меѓу двете пунски војни, Картагина значајно се проширила во Шпанија. Пунскиот војсководец Хамилкар Барка се пробил до реката Ебро, речиси до Барцелона. Таа територија ќе му послужи на Хамилкаровиот син Ханибал за копнен напад врз Рим. Имено, Картагинците поучени од искуството на Првата пунска војна, решиле да го нападнат Вечниот град од зад грб – по земјен пат. Повод за Втората пунска војна било Ханибаловото заземање на градот Сагунто, денешна Валенсија, кој што бил сојузник на Рим. Март 218 г.п.н.е. Рим и` објавува војна на Картагина, по што Ханибал наредува „покрет“ према Пиринеите, со цел да изврши копнена инвазија на Италик. Римскиот конзул Публиј Сципион дознал дека Ханибал ги прешол Пиринеите и се упатил кон Масилија (Марсеј) за да му го попречи патот кон Азурниот брег. Арно ама, Ханибал со своите 36.000 луѓе и десетиците слонови, наместо по брегот, се упатил во внатрешноста на Галија и почнал да се качува на Алпите. Кон крајот на летото, по цена на немали загуби, тој успеал да го помине покривот на Европа и да стигне во Цисалпина.
По победите кај реките Тицино и Требија, Ханибал слегол во Ломбардија. Откако презимил, следната 217 г. Ханибал започнал да го реализира својот воен план. Пунските одреди се судриле со римските легии кај Тразименското езеро, кога дошло до недидена гибел за Рим – 15.000 легионери ги оставиле животите.  Сенатот бил шокиран и за диктатор го именувал искусниот борец Квинт Фабиј Максим. Овој диктатор ја применил „Фабијановата тактика“ на избегнување директен судир со Ханибал, оти знаел дека Пуните, кога тогаш, ќе останат без храна и залихи. Меѓутоа, ваквата наводно „кукавичка“ тактика не им се допаѓала на сенаторите и затоа го смениле Фабиј. Тие се решиле на директен судир со Ханибал и до него дошло наредната 216 г. Поразот што го претрпеле Римјаните во битката кај Кана бил од библиски пропорции. Според изворите, од 50,000 римски војници, само 14,000 ја преживеале битката кај Кана. Идната 215 г. Ханибал склопил анти-римски сојуз со македонскиот владетел Филип V, кому му пристапиле бројни илирски и келтски племиња. Меѓутоа, тогаш се буди патриотизмот на 200.000 римски граѓани, кои одлучуваатда ја брана својата слобода посекоја цена. Новиот патриотизам ги поттикнал римските конзули најпрвин да ги  повратат Сицилија 211 и Шпанија 210 г., за да ги пресечат сите комуникации на Ханибал со Картагина. Ханибаловиот брат Хаздрубал тргнал од Африка да им помогне на своите, но во битката кај реката Метаура бил победен обд Гнеј Сципион и отепан. После успесите во Шпанија, Гнеј Сципион Африканецот 204 г. бил прераспореден во Африка за да ја заврши работата. Во пресудната битка кај Зама, 202 г. Ханибал доживеал катастрофа. Исходот на Втората пунска војна бил решен: победил Рим.
Третата пунска војна ја водел внукот на Сципион Африканецот, Сципион Емилијан, инаку син на Емилиј Паул – победникот против последниот македонски крал Персеј. Сципион Младиот извршил опсада на Картагена 146 г. оневозможувајќи го снабдувањето на градот. Во погоден момент, тој наредил јуриш при кој Картагена е срамнета со земјата. На градското земјиште е фрлена анатема и поимот Пуни е избришан засекогаш.

No comments:

Post a Comment